Како помина средбата меѓу Путин и Си Џинпинг?
Рускиот претседател Владимир Путин за време на средбата со својот кинески колега Си Џинпинг во Пекинг ја пофали улогата на Кина како купувач на руски гас и нафта. Тој, исто така, го покани својот домаќин да ја посети Русија.
Кинескиот претседател Си Џинпинг и рускиот лидер Владимир Путин на самитот во Пекинг ги потенцираа добрите односи меѓу двете земји. Според Си, двете држави ја продлабочиле меѓусебната политичка доверба и стратешката соработка.
Препорачано
Путин изјави дека билатералните односи придонесуваат за глобалната стабилност и ја нагласи улогата на Русија како сигурен снабдувач со енергија. Русија, според податоци на владата во Москва, е водечки извозник на енергија за Кина: во 2025 година биле испорачани 101 милион тони сурова нафта и 49 милијарди кубни метри природен гас преку гасоводи и во форма на течен природен гас.
— Во контекст на кризата на Блискиот Исток, Русија и понатаму ја задржува својата улога како доверлив снабдувач со суровини, додека Кина се појавува како одговорен купувач на овие суровини — изјави Путин на почетокот на самитот.
Тој го покани Си на возвратна посета во 2027 година во Русија.
Осврнувајќи се на Блискиот Исток и на регионот на Персискиот Залив, Си, според кинески информации, изјави дека е итно потребен севкупен прекин на огнот, а преговорите се особено важни. Рано решение на конфликтот, според него, може да помогне во намалување на нарушувањата на снабдувањето со енергија, синџирите на снабдување и на меѓународниот трговски поредок.
Путин: Енергетската соработка е „локомотива“ на односите
И покрај неповолните надворешни фактори, економската соработка меѓу Русија и Кина покажува добра динамика, смета Путин. Тој рече дека во изминатиот четврт век трговијата меѓу двете земји се зголемила 30 пати и со години е стабилно над 200 милијарди американски долари.
— Локомотивата во руско-кинеската соработка е кооперацијата во енергетскиот сектор. Приоритет во економската соработка имаат и големи заеднички проекти во индустријата, земјоделството, транспортот и, секако, во областа на високите технологии — изјави Путин на средбата со Си.
Советници на Трамп по посетата на Кина: Напад врз Тајван во следните 5 години
„Опасност од правото на посилниот во светот“
Путин ја нагласи и важноста на тесната соработка меѓу Русија и Кина во тензични времиња. Односите меѓу двете земји, рече тој, се „еден од најважните стабилизирачки фактори на меѓународната сцена“.
Си изјави дека светот, со оглед на променетата меѓународна ситуација, се соочува со опасност повторно да се врати кон правото на посилниот. Кина е за продолжување на договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Русија и сака решително да ја унапредува стратешката соработка со Москва.
Си го пречека Путин со воени почести и на црвен тепих неколку дена по посетата на американскиот претседател Доналд Трамп на Кина.
Извор: DW


