Како криминалните банди ги „диктираат“ изборите во Шведска

Фото EPA-EFE/JOHAN NILSSON SWEDEN OUT

Неодамнешните престрелки низ нордиската земја го заострија фокусот на гласачите кон владеењето на правото пред да излезат на изборите на 11-ти септември

Во средината на август, жена која пазарела во еден трговски центар во јужниот шведски град Малме, случајно била застрелана од вооружен маж кој полицијата верува дека бил член на една од нарко-бандите кои во последниве години го зголемуваат стравот за безбедноста на Швеѓаните, пишува „Политико“.

Само неколку дена подоцна, друга жена со своето дете биле случајно застрелани за време на престрелка меѓу ривалските банди во близина на игралиште во центарот на градот Ескилстуна.

За шведските политичари и гласачи, ова се добро познати наслови, а 2022 година веќе е најсмртоносната за 10-милионската земја, додава бриселскиот медиум.

Полиција во Шведска апси демонстранти/ Фото EPA-EFE/Stefan Jerrevang

Уште во 2017 година, тогашниот претседател на САД, Доналд Трамп го „збуни“ светот, откако во говор на еден негов настан спомна „што се случи синоќа во Шведска“ сугерирајќи дека имало немири во европската земја, а тамошните власти веднаш ги негираа неговите коментари, тврдејќи дека во земјата немало никаков вооружен напад, но пет години подоцна, неговите зборови изгледаат доста попрецизно, односно тие веќе не се дезинформација.

Четири дена по пукањето, паркот во Ескилстуна стана целосно пуст, и покрај сончевите денови кои го одбележаа крајот на летото во Шведска.

„Ние сме преплашени што сме тука“, изјави една мајка за локалните медиуми. „Ова не е прв пат да има пукање во оваа област“.

Насилствата ескалираат

Во предградието на градот Арби, се наоѓа базата на локалната банда која тргува со наркотици, за која локалните власти велат дека е во смртоносно ривалство со група од Скифтинге, друго предградие на неколку километри.

Првично како причина за судирот била контролата на нарко-пазарите, а полицијата верува дека ривалството се засилило бидејќи нападите брзо ескалирале во последниве години.

Хулигани Шведска/ Фото EPA-EFE/KICKI NILSSON

Началникот на локалната полиција, Микаел Бакман, по последното пукање изјави дека, неговите полицајци конфискувале големо количество оружје и уапсиле шест лица.

„Ние ги координираме ресурсите од целата земја“, рече Бакмен. „Но, проблемите во моментов се толку сериозни што ни е тешко да продолжиме, бидејќи мораме да дадеме приоритет на толку многу сериозни злосторства во исто време“.

Статистиката на шведската полиција до средината на август покажува дека оваа година во Шведска се убиени 44 лица, а 66 се ранети. Во цела 2021 година, 45 луѓе биле убиени, а 115 повредени.

Стокхолм, главниот град на земјата, забележа највисоки стапки на смртни случаи од огнено оружје оваа година (21), а следен е јужниот регион што го опкружува Малме (11).

Експертите забележуваат дека Шведска се издвојува во Европа затоа што престрелките се во пораст, додека во другите европски земји тие генерално се стабилни или се во пад.

Стокхолм/ Фото Архива

Клучното предизборно прашање

На помалку од една недела до општите избори во Шведска, јавниот ред и мир се појавија како главна тема за гласачите, се вели во едно неодамнешното истражување на Универзитетот во Гетеборг.

Се очекува трката да биде тесна, бидејќи партиите што ја поддржуваат социјалдемократката и актуелна премиерка Магдалена Андерсон се маргинално пред оние кои го поддржуваат нејзиниот главен ривал, лидерот на Умерената партија на десниот центар Улф Кристерсон.

Улф Кристерсон и Магдалена Андерсон/ Фото EPA-EFE/HENRIK MONTGOMERY SWEDEN OUT

Опозициските лидери неодамна се обидоа да го намалат стравот кај луѓето, посетувајќи игралиште во Арби, каде го осудија насилството и ветија дека подобро би се бореле против него.

Опозицискиот лидер Кристерсон рече дека насилството било „ужасно“.

Опозициските партии велат дека владата премногу години била „мека“ кон криминалот и дозволила бандите да ги тероризираат заедниците како Арби. Меѓу другото, опозициските пратеници ги истакнуваат долгогодишните проблеми на владата со нејзината цел да регрутира 10.000 полицајци до 2024 година во споредба со 2016 година.

Постерите низ цела Шведска ги прикажуваат Кристерсон и другите опозициски лидери под фрази како „Сега ќе поставиме ред во Шведска“ и „Подготвени сме да се бориме против криминалот“.

Избори Шведска/ Фото Jonathan NACKSTRAND / AFP / Profimedia

Премиерката Андерсон се состана со нејзиниот социјалдемократски колега и градоначалник на Ескилстуна, Џими Јансон на крајот на август, пред да разговара со новинарите пред градското собрание.

Таа изрази вознемиреност поради пукањето „толку блиску до местото каде што си играат децата“, а исто така се обиде да нагласи заострување на казните за членовите на бандите, како што е наведено во неодамнешниот план на владата од 34 точки за справување со организираниот криминал.

Сепак, таа призна дека треба да се направи повеќе за да се запре регрутирањето на помлади членови во бандите за да се заменат постарите криминалци кои се уапсени на подолги рокови во затворите.

Избори Шведска/ Фото Jonathan NACKSTRAND / AFP / Profimedia

Зголемената имиграција игра голема улога

Надвор од полициското работење, експертите укажуваат и на основните социјални проблеми во местата како Арби, кои создаваат средина каде криминалот може да завладее.

Мајкл Тернфалк, истражувач за социјална работа на Универзитетот во Упсала, во интервју за шведски СВТ дека високите нивоа на имиграција во последните години доведоа до зголемена сегрегација во некои предградија, што ги остави социјално и економски ранливи.

Тој вели дека родителите во тие области, кои не зборуваат шведски или не уживаат силни врски со локалната заедница, не можат да го следат напредокот на нивните деца во училиштата или да забележат дали се движат во криминални кругови.

Тие деца се изложени на зголемен ризик од регрутирање од локални банди чии членови заработуваат многу пари преку дилање дрога и се многу видливи за младите во заедницата кои возат скапи автомобили и носат модерна облека, рече тој.

Бјорн Ларсон, локален пратеник од владејачките социјалдемократи во Ескилстуна, кој водеше кампања за неговата партија пред изборите на 11 септември, рече дека општината инвестирала многу во социјалните услуги и програми кои се обидуваат да ги спречат младите да преминат од помалку сериозни во посериозни кривични дела.

Во Арби веќе работат центарот на заедницата и библиотеката, кои нудат, меѓу другото, детска грижа и поддршка со барање работа, но Ларсон рече дека „нема да има брз напредок“. Тој рече дека менувањето на изгледите за младите луѓе на места како Арби ќе потрае.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот