Како фотографија од гениталии ја доведе полицијата до крадците на дијамантите на Тамара Еклстон

Фото: Профимедиа

Документарниот филм „Кој ги украде дијамантите на Тамара Еклстон?“, што се емитуваше на британската телевизиска станица „Би-би-си три“, вели дека еден од крадците кои на крајот на 2019 година од домот на ќерката на британскиот деловен магнат и поранешен шеф на Формула 1 Берни Еклстон, украдоа дијаманти вредни 25 милиони фунти е фатен поради фотографија од половиот орган, пренесува „Сан“.


Ова е најголемиот грабеж во историјата на Велика Британија, извршен од членови на криминалната група „Пинк Пантер“, а Тамара Еклстон во документарецот рекла дека и понатаму не се чувствува безбедно во својот дом, иако поминаа неколку години од инцидентот.

„Мојот и животите на моето семејство дефинитивно нема да бидат исти затоа што сега постојано се грижам. Се грижам за многу други сценарија, за многу други ситуации“, рекла Тамара.

Богаташката се „пофалила“ со одморот, крадците упаднале во вилата

Документарецот покажува како секоја соба во замокот на Тамара Еклстон била уништена, крадците влегле во куќата низ градината, ги искршиле прозорците и вратите на сите 57 соби.

Во моментот на грабежот, кој се случил во декември 2019 година, Тамара била на одмор во Финска со сопругот и ќерката.

Крадците упаднале во куќата откако таа на социјалните мрежи објавила дека со сопругот Џеј Рутланд и нивната ќерка Софија престојува во Лапонија, Финска. Безбедносните камери покажале дека крадците упаднале во нејзината вила истиот ден кога таа тоа го открила. Еден од членовите на обезбедувањето кој ја надгледувал нејзината куќа вечерта, отишол до продавницата да купи пилешко, што крадците го искористиле за да упаднат во скапоцениот дом на познатата наследничка.


Еден член на обезбедувањето на крајот ги пронашол додека пребарувале по гардеробата на Тамара. Меѓутоа, тие успеале да побегнат и да ги изнесат парите и дијамантите во вредност од 25 милиони фунти..

Во текот на истрагата, детективите откриле дека крадците на местото на настанот пристигнале со такси. Полицијата потоа го пронашла таксистот кој ги возел до домот на Тамара Еклстон, кој им кажал дека по грабежот ги однел до хотелот „Хилтон“ во улицата „Парк Лејн“ во срцето на лондонскиот кварт Вест Енд. Безбедносните камери потоа ги снимиле како со торби во рацете кои ѝ припаѓале на ќерката на Берни, влегуваат во друго такси кое ги одвело во југоисточен Лондон.

Фото: Профимедиа

Бизарен доказ

Надевајќи се дека ќе најде каков било доказ, еден од детективите кој работел на случајот, се јавил во синџирот хотели и апартмани со поволни цени „ТЛК апартмани“. Му рекле дека на гостите им даваат телефонски број на кој можат да се јават во случај на неволја. Еден од крадците што ја ограбиле Тамара Еклстон на тој телефонски број испратил фотографија од својот полов орган. Работникот на рецепцијата на хотелот во кој престојувале го блокирал бројот од кој ја добил таа фотографија и ја зачувал под прекарот „Чудак“.

„Штом дознав, знаев дека ја пронајдовме вистинската група на луѓе“, рекол во документарецот детективот Томас Гримсоу.

Откако го дознале бројот од кој е испратена фотографијата, полицијата многу брзо му влегла во трага на Југослав Јовановиќ, кој хотелската соба во синџирот хотели „ТЛК апартмани“ ја изнајмил со својата важечка лична карта. Подоцна се дознало дека Јовановиќ во Велика Британија дошол на 30 ноември и дека ја напуштил земјата на 18 декември – пет дена по грабежот. Полицијата потоа открила дека Јовановиќ учествувал во грабежите на домовите на починатиот италијански бизнисмен Вишај Шриваданапраб, сопственик на фудбалскиот клуб Лестер Сити и на поранешниот фудбалер Френк Лампард.

Домот на Тамара Еклстон во Лондон/Фото:Профимедиа

Полицијата потоа утврдила дека во грабежот учествувале и Италијанците Алесандро Малтезе и Алесандро Донати. Крадците биле пронајдени во Италија, од каде биле екстрадирани во Велика Британија. Сите тројца признале дека се виновни за тешки кражби извршени во периодот од 29 ноември до 18 декември 2019 година. Јовановиќ, исто така, признал дека во периодот од 10 декември 2019 година до јануари 2020 година, перел пари и се обидел да го продаде украдениот имот.

Јовановиќ на 15 ноември 2021 година беше осуден на 11 години затвор, додека другите двајца крадци истиот ден беа осудени на осум години и девет месеци затвор.

Даниел Вуковиќ (44), кој е четвртиот член на бандата крадци коишто ја ограбија Тамара Еклстон, сè уште не е уапсен, а „Сан“ пишува дека се стравува дека се наоѓа во Србија.

Југослав Јовановиќ ја призна најголемата кражба во Британија: На Тамара Еклстон ѝ украде 25 милиони фунти

Богатата наследничка во долгови: Тамара во 2020 година загубила милиони!

Петра Еклстон го роди четвртото дете: Берни доби прекрасна внука

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот