„Како дознаа затворениците дека сме ги откриле?“ – прашува разрешениот директор на „Идризово“, Тахири

Затвор Идризово / Фото: МИА

Вчера разрешениот директор на затворот „Идризово“, Шпенд Тахири, верува дека припадници на затворската полиција биле вмешани во планот за бегство преку тунел кој го копале затворениците, изјави тој за „Фокус“. Тахири вели дека немал доверба во затворската полиција додека бил на функцијата. Тој беше разрешен вчера, во исто време кога се откри постоењето на тунелот во Идризово, но вели дека тоа нема врска со скандалите во затворот, туку причината е што доаѓа од партијата Алтернатива, која повеќе не е во власта.

Вчера во „Идризово“ беше откриен тунел долг 40 метри, преку кој затвореници осудени на долги казни сакале да избегаат од најголемиот македонски затвор. Во тунелот било дури спроведено и светло, со ламби и продолжни кабли за струја.

-Тоа таму не е криминал, туку жариште на криминал и корупција. Јас не ја бранам затворската полиција. Имам пуштено кривични пријави до јавно обвинителство против петмина затворски полицајци, имам покренато 45 дисциплински постапки. Не можам да ги бранам, бидејќи таму цвета кринимал и тоа не е од мое време, туку многу многу пред мене – вели Таири кој беше на функција осум месеци и кој очекува апсења на затворски полицајци во периодот што следува.

Тој се сомнева дека затворениците кои го копале тунелот имале заштита од затворските службеници – објаснува дека почетокот на тунелот се наоѓал во соба која затворениците ја користеле за шетање, а во која ретко влегувала затворската полиција.

-Години наназад затворениците ја користеле таа соба во објектот надвор од затворското одделение, и имале некоја интимност таму. Ретко, а можеби и воопшто таму не влегувале затворските полицајци. Таму беше почетокот на тунелот. Ние добивме некое инфо на 15 февруари и веднаш почнавме проверка на информациите – вели Тахири.

Според него, осудениците веќе почнале да си ги покриваат трагите. На прашањето како е можно копањето да се одвивало со месеци, а за тоа да не се дознае порано, директорот вели дека затвореното одделение во Идризово го обезбедуваат само четворица полицајци, а таму издржуваат казна над 500 осуденици.

-Зошто толку малку, прашајте го Ковачевски. Нам ни недостасуваат 120 затворски полицајци во Идризово. Секој ден доаѓаат затворски полицајци од Куманово и од Штип на помош. Позајмуваме пет од таму и пет од таму за се покриеме. Додека бев директор немав ниедна средба или состанок во Владата за да се информираат од прва рака, воопшто не се интересираа за состојбите во „Идризово“, вели Тахири.

Тој го обвини премиерот Ковачевски дека со неговото разрешување токму вчера, сакал политички да поентира, бидејќи било извесно дека Тахири ќе биде сменет од директорската функција како кадар на Алтернатива.

-Јас знаев дека вчера ќе бидам разершен бидејќи сум дел сум од Алтеранива. Но Ковачевски сака политички да поентира. Не ми е јасно, не требаше така. Јас иако знаев дека ќе бидам разрешен продолжив да работам на откривање на тунелот, сакав да го спречам тоа. До последна минута сум работел. Всушност сум му го спасил мандатот, затоа што да не го правев тоа, затворениците ќе го докопаа тунелот и ќе избегаа. После тој ќе требаше да дава оставка – посочува тој.

ВИДЕО: Тунелот во „Идризово“ е долг 40 метри, затворениците спровеле и струја

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот