Кај Мицкоски не „палат“ ни Макрон ни Шолц, но самиот може да „згасне“

Ниту францускиот претседател ниту германскиот канцелар нема да ги разубедат лидерот и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за внесување на Бугарите во Уставот под бугарски диктат, велат од опозицијата, но експертите сметаат дека Мицкоски така ќе им брцне во око на нашите најголеми стратегиските пријатели.

Ни политички тешкаши како францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц нема да ги разубедат лидерот Христијан Мицкоски и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за внесување на Бугарите во Уставот под бугарски диктат. Ова е ставот на најголемата опозициска партија за најавата на вицепремиерот Бојан Маричиќ дека Макрон и Шолц пројавиле интерес да помогнат на власта да обезбеди двотретинско мнозинство за уставните измени.
Политикологот Благојче Атанасоски цени дека идната година е денот Д за Мицкоски кога ќе треба да реши дали ќе направи политичка пируета и ќе прифати уставни измени или, пак, ќе го блокира процесот и ќе им брцне во око на нашите најголеми стратешките пријатели – Американците.

Маричиќ: Незамисливо ми е самите да се блокираме

Маричиќ во гостување на ТВ „Канал 5“ рече дека очекува процедурата за отворање на Уставот и внесување на бугарското малцинство да почне во првата половина на 2023 година.

– Уставните измени не се случуваат од денес за утре, и во моментот кога ќе се искреира платформа што може да добие поддршка од 80 пратеници, ќе почне процедурата во Собранието за промена на Уставот. Без пратеници од ВМРО-ДПМНЕ тоа не може да се направи. За првпат блокадата е во наши раце и од нас зависи дали ќе застанеме по скринингот на истото место, или пак ќе продолжиме понатаму. Имаме комуникација со сите пратенички групи и пратеници – рече Маричиќ.

Тој порача дека со помош на меѓународните партнери и со ангажман на Владата ќе се дојде до потребното двотретинско мнозинство во Собранието.

– За мене е незамисливо дека ние самите ќе се блокираме и ќе се паркираме на истото место. Се разбира дека ќе дојдат во Собранието да помогнат. Има интерес од германскиот канцелар и од францускиот претседател да помогнат на сите можни начини за да дојдеме до 80 пратеници – вели вицепремиерот.

Од ВМРО-ДПМНЕ повторуваат дека ниту еден нивни пратеник нема да поддржи уставни измени и дека вицепремиерот манипулира и ги злоупотребува европските политичари.

– Класична злоупотреба што доаѓа од неспособен и криминоген политичар. Со самото тоа што грубо ги злоупотребува европските политичари со лаги и манипулации, тоа е најдобар одговор дали има мнозинство за уставни измени – велат од опозициската партија.

И европските политичари и Владата го знае ставот на ВМРО-ДПМНЕ, дека овој парламент нема да прифати уставни измени под бугарски диктат, додаваат оттаму.

Атанасоски: Мицкоски сам си се навлече во тесна политичка кожа

Политикологот Благојче Атанасоски смета дека покрај тоа што мнозинството граѓани на Македонија, особено етничките Македонци, беа против т.н. модифициран француски предлог, денес тој е реалност како услов без кој не се може, со цел да се продолжи по патот на европските интеграции, односно да се отвори првото од триесет и шесте предвидени поглавја со ЕУ. Прв услов е внесување на Бугарите во нашиот Устав без кој не може ни да го отвориме првото поглавје.

– Противењето на лидерот на опозицијата повеќе го гледам во насока да стекне политички поени на свое конто и на контото на партијата како политички опортуно во овој момент. Второ, да предизвика своевидна политичка криза, која час поскоро би резултирала со толку бараните од него предвремени парламентарни избори. Од друга страна, свесното блокирање од Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ и уривање на целиот овој процес, чии гаранти се највисоката европска, но и американска дипломатија, ќе значи победа на руските над американските интереси на Балканот, а тоа ДПМНЕ може многу скапо да ја чини – вели Атанасоски.

Тој смета дека во очите на САД, ВМРО-ДПМНЕ може да биде етикетирана како антизападна партија и при евентуална победа на некои идни парламентарни избори, ни под разно да не смеат да направат коалициска влада со која била етничка албанска политичка партија кај нас, односно Мицкоски политички да заврши како Воислав Шешељ, со пирови победи, екскомунициран со санитарен кордон, во тандем со Апасиев и Левица.

– Наредната година ќе биде „денот Д“ за политичката кариера на Мицкоски. Ќе мора да реши дали ќе направи политичка пируета и ќе ги прифати уставните измени што ќе се одрази на неговиот личен рејтинг од најрадикалното гласачко тело на десницата и кое ќе отиде на листата на деснопопулистичката Левица, или, пак, навистина ќе го блокира целиот процес и ќе им брцне со прст во око на нашите најголеми стратегиски пријатели – Американците. Тоа е навистина тесна политичка кожа, во која Мицкоски сам се навлече со неговите квазипопулистички политики по однос на прашањето за внесување на Бугарите во Уставот – вели Атанасоски.

Без оглед дали ќе остане во актуелниот состав или ќе се окрупни со влез на Алијансата за Албанците, власта располага со 74 гласа, бидејќи пратениците Албанци веќе се изјаснија дека ќе ги поддржат измените на Уставот. Ова значи дека власта и меѓународниот фактор ќе треба да убедат шест пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за да се добие потребното двотретинско мнозинство за воопшто да почне постапката за измени на Уставот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот