Каевски: Последна можност за ВМРО-ДПМНЕ да изберат интеграција наместо изолација

Собраниската седница којашто започнува утре дефинитивно ќе потврди кој е за македонска европска иднина, а кој против членство во ЕУ и секој пратеник има одговорност пред иднината на државата и пред интересот на граѓаните, порача денеска пратеникот и портпарол на СДСМ Дарко Каевски. Пратениците мора да му погледнат на народот во очи и да изберат: интеграција во ЕУ или изолација, порача тој.

– По објавувањето на текстот на предлогот за уставни измени кристално јасно е дека никој нема ништо против содржината на вака предложениот текст. Второ, граѓаните се уверија дека не се загрозува ниту едно македонско идентитетско прашање, туку се зајакнува македонскиот идентитет. Со уставните измени се зајакнува мултиетничкиот карактер и македонскиот идентитет, затоа што македонскиот јазик е признаен во ЕУ и со преговарачката рамка и поради дефиницијата за македонската посебност. Сите лаги кои досега ги пласираше опозицијата се потопени. Нема асимилација, нема бугаризација, има признаен и потврден македонски јазик и идентитет во ЕУ – рече Каевски на прес-конференција во Собранието.

Тој вели дека Мицкоски и ДПМНЕ досега требало 100 пати да се извинат на граѓаните за, како што релче, срамните лаги.

– Но, тоа е само потврда за нивната погрешна политичка матрица и немањето државнички капацитет. Прво беше „асимилација и бугаризација“. Откако се виде дека нема ништо од тоа сега е „бугарски диктат“. Уставните измени не се ничиј диктат, ниту пак нечиј поединечен предлог, туку се дел од преговарачката рамка на Македонија со Европската Унија. Ни повеќе ни помалку. Стратешка цел поставена уште од независноста е членството во ЕУ – рече тој.

Граѓаните, додаде Каевски,  сакаат да бидеме дел од ЕУ, рамноправни, рамо до рамо со европските народи, но не затоа само заради членството само по себе, туку заради подобар животен стандард, заради подобро владеење на правото, заради економски напредок, социјална правда. Заради подобар живот по европски стандарди.

– Затоа што сакаат децата да им останат дома и тука да си ја градат иднината. Оговорност на секој пратеник е тоа да им го овозможи. Седницата е последна можност и за ДПМНЕ. Да покажат дали избрале интеграција во ЕУ или избрале изолација, седнати во скутот на Левица. Доколку ја одберете Левица и анти-европскиот блок ДПМНЕ отворено застанува против Македонија, против врвните национални и државни интереси на македонската држава-членство во ЕУ – рече Каевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот