Монтажните гаражи на Клинички ќе ги изгради Град Скопје, во близина на стара Гинекологија и во близина на хелиодромот
Двете монтажни катни гаражи кои Министерството за здравство и градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски ги најавија ќе никнат во близина на стара Гинекологија и во близина на хелиодромот во склоп на Клинички центар. Тие ќе понудат 500 нови паркинг-места за пациентите и вработените во клиниките.
Препорачано
„Слободен печат“ се обрати на писмено во Град Скопје со прашањата на кои локации се двете монтажни катни гаражи, до кога треба да бидат изградени, дали изградбата ќе му припадне на самото јавно претпријатие Градски паркинг или ќе биде ангажиран подизведувач, но и како изградбата на двата монтажни објекти ќе влијае на цената на паркинг-услугата. Прашавме и колку време Градски паркинг ќе управува со монтажните гаражи и каква ќе биде инвестицијата во поглед на сигнализацијата, смарт таблите итн.
Во однос на поставените прашања, ве информираме дека се планира изградба на две монтажни катни гаражи во рамки на подрачјето на Клиничкиот центар. Првата гаража ќе биде лоцирана кај старата Гинекологија, додека втората е предвидена на просторот во близина на хелиодромот. Со нивната реализација ќе се обезбеди значително зголемување на паркинг капацитетите во овој дел од градот, со вкупен предвиден капацитет од околу 500 возила. Во моментов е во тек изработка на проектната документација, по чијашто финализација ќе следи утврдување на динамиката на градба. Средствата за реализација на проектот ќе бидат обезбедени преку ребалансот на Буџетот на град Скопје. Монтажните катни гаражи ќе ги изведува градот Скопје, додека со нив ќе стопанисува ЈП „Градски паркинг”, со што ќе се обезбеди ефикасно и организирано управување со новите капацитети, велат од Град Скопје за „Слободен печат“.
Во однос на цената на паркинг-услугите, оттаму велат дека нема да има промена во цената за еден час паркирање.
Проектот е насочен кон решавање на долгогодишниот проблем со недостиг на паркинг простор, без дополнителен финансиски товар за граѓаните. ЈП „Градски паркинг” ќе продолжи да управува со двете гаражи и по нивната изградба, согласно своите надлежности. Паралелно со изградбата, ќе се реализира и подобрување на сигнализацијата и воведување современи смарт табли кои во реално време ќе ги информираат возачите за расположливите паркинг места, како и појасна организација на сообраќајот во зоната на Клиничкиот центар. Со овој проект, градот Скопје обезбедува трајно и функционално решение за паркинг проблемот кај Клиничкиот центар, со што директно се подобрува пристапот до здравствените установи и секојдневниот живот на граѓаните, ни одговорија од Град Скопје.
Од Министерството за здравство велат дека во тек е административна постапка за земјиштето наменето за катните гаражи.
-Во тек е административна постапка за земјиштето наменето за катните гаражи, по што ќе биде склучена спогодба со Град Скопје за организирање, управување, уредување и одржување на паркиралиштата во просторот на комплексот клиники, изјавија од Министерството за здравство за „Слободен печат“.

Досега од Министерството за здравство информираа дека „се чека земјиштето на паркинг-просторот да се запише како сопственост на Македонија за да се отстрани административната пречка за склучување на договор со ЈП Градски паркинг – Скопје“.
Месеци наназад министерот за здравство Азир Алиу најавува дека паркингот на Клинички ќе биде еден од најсовремените во Македонија.
-Ќе биде целосно дигитализиран, значи „смарт“ паркинг кој од самиот влез до самиот излез ќе го следи автомобилот и местото на паркирање. Ќе има 4 различни влеза и картички. За онколошки пациенти ќе биде бесплатен, за пациенти ќе биде евтино, за вработени ќе има трета цена а за граѓани кои доаѓаат поради икс причина ќе има четврта цена, рече тој пред 5 месеци.

Од извештајот за работењето на ЈП Градски паркинг Скопје за 2024 година, се гледа дека паркингот на Клинички центар за ова јавно претпријатие бил доходовна локација која носела многукратно повеќе пари отколку другите скопски јавни паркиралишта. Така само во 2024 година остварениот приход од дневниот промет и претплатата на овој паркинг бил 770 илјади евра.


Во 2024 година ЈП Градски паркинг на ова јавно паркиралиште во склоп на Клинички центар „Мајка Тереза“ обезбедило дополнителни 261 паркинг места.
Но, независно од напорите, повеќе од 1 деценија е јасно дека само монтажни гаражи се спас за хаосот со паркирањето на Клинички центар. Еден обид за воспоставување јавно-приватно партнерство со фирма од Албанија пропадна поради тоа што партнерството беше многу неповолно за Македонија како јавен партнер – требаше да добива само еден процент од приходот.
Затоа, владата и Министерството за здравство решија да го остават овој паркинг во домашно владение, поточно да почнат постапка со која ЈП Паркинзи на град Скопје ќе стопанисуваат со монтажните гаражи.
Пред неколку дена министерот за здравство Азир Алиу најави дека до мај 2026 година Клинички центар ќе добие целосно нов паркинг со смарт инфраструктура и со катна гаража.
Поради пренатрупаноста минатата година Министерството за здравство „ги исели“ лекарите со паркирањето – наместо да паркираат во Клинички центар добија паркинг во Лимак, на 5 минути пешачење. Министерот Алиу тогаш информираше дека склучил меморандум со Лимак и обезбедил 300 паркинг-места за вработените со 24-часовен пристап.


