Поранешна Jугославија на СП 2026: Македонија би имала двајца претставници
Фудбалските носталгичари сигурно се сеќаваат на славните настапи на Југославија на Светските првенства. Последниот пат кога „сините“ настапија на најголемата фудбалска сцена беше во Франција, 1998 година, кога играа имиња како Саво Милошевиќ, Предраг Мијатовиќ, Синиша Михајловиќ и тогаш младиот Дејан Станковиќ, предводени од Слободан Сантрач.
Препорачано
Југославија заврши со изедначен број бодови со Германија и излезе од Групата Ф, победувајќи ги САД во нивниот последен натпревар од групата, пред тесно да загуби од Холандија во осминафиналето.
Хрватска имаше своја национална репрезентација откако прогласи независност од Југославија во 1991 година, заедно со Словенија, и го обезбеди третото место, а напаѓачот Давор Шукер ја освои Златната копачка.
Но, осум години претходно, на Светското првенство во 1990 година, Хрватите беа дел од составот на Југославија за Светското првенство, заедно со играчи од Босна и Херцеговина, Словенија, Македонија, Црна Гора и Србија.
Југославија стигна до четвртфиналето на Светското првенство тоа лето во Италија, но беше елиминирана на пенали од актуелниот шампион Аргентина.
Но, што ако Југославија сѐ уште постоеше денес? Како би изгледал составот на Југославија за Мундијалот во 2026 година?
ГОЛМАНИ
Јан Облак од Атлетико Мадрид е еден од најдобрите голмани во светот и речиси сигурно би го носел дресот со број еден. Сепак би се соочил со силна конкуренција од Вања Милинковиќ-Савиќ од Торино и нашиот Столе Димитриевски.
ДЕФАНЗИВЦИ
Иако се смета за „послаба алка“, дефанзивната линија е далеку од слаба. Јошко Гвардиол (Манчестер сити) е светска ѕвезда, а тука се и Јосип Станишиќ (Баерн Минхен), Страхиња Павловиќ (Милан), Никола Миленковиќ (Нотингем форест). Сеад Колашинац (Аталанта), Јака Бијол (Лидс), Марин Понграчиќ (Фиорентина) и Амар Дедиќ (Бенфика).
СРЕДЕН РЕД
Добитникот на Златната топка, Лука Модриќ, можеби има 40 години, но ѕвездата на Милан е играч со класа во средниот ред и е дел од составот на Хрватска за Светското првенство во 2026 година. Со него би играле неговите сонародници Матео Ковачиќ (Манчестер Сити), Марио Пашалиќ (Аталанта), Никола Влашиќ (Торино), а од Србија во репрезентацијата би се нашле Сергеј Милинковиќ-Савиќ (Ал-Хилал), Немања Гудељ (Севиља), Саша Лукиќ (Фулам). Секако, неизбежен е и нашиот „дијамант“ Елиф Елмас (РБ Лајпциг).
НАПАЃАЧИ
Денешна Југославија би имала многу опции во нападот. Бенјамин Шешко од Манчестер јунајтед (Словенија) би бил главниот ас во нападот, иако 40-годишниот ветеран од Босна и Херцеговина, Един Џеко (Шалке), исто така би се натпреварувал за место во почетните 11.
Ѕвездата на Јувентус, Душан Влаховиќ (Србија), е уште една опција на позицијата број 9, како и двајца од најпотценетите напаѓачи во Ла Лига: Ведат Муриќи (Косово) од Мајорка и Анте Будимир (Хрватска) од Осасуна. Двајцата постигнаа вкупно 40 гола во шпанската прва лига оваа сезона.
Андреј Крамариќ (Хрватска) од Хофенхајм и 37-годишниот крилен напаѓач на ПСВ, Иван Перишиќ (Хрватска), ги сочинуваат преостанатите места.


