ЈСП контролирај ги контролорите: Граѓаните протестираа против насилство и дискриминација во јавниот превоз

„Мора да се стави крај на насилниот и деградирачки однос на контролори кон патници, бидејќи ова не е изолиран случај“

„Бараме правда“, „Денес Сирхан, утре ти“, „Еднаквост“, „ЈСП контролирај ги контролорите“ – Стотици граѓани ги кренаа паролите попладнево на протестот пред седиштето на ЈСП поради дискриминација и насилство во јавниот превоз, откако студентот Сирхан Усеини обвини дека двајца контролори насилно го исфрлиле од градски автобус.

Фото: Хелсиншки комитет

На протестот, Сирхан повторно истакна како целиот немил настан влијаел врз него:

„На ден 09.02.2020 бев психички и физички нападнат и исфрлен од автобус број 45. Од полн автобус патници, само од мене побараа билет и само мене насилно ме исфрлија од автобусот. На прашањето зошто само од мене барале билет, еден од контролорите ми одговори дека Тој така сакал. Му реков дека тоа е дискриминација и во истиот момент се јавив во полиција и го пријавив настанот. Додека телефонски разговарав со полицијата, контролорите насилно ме исфрлија од автобусот и упатија закани дека ќе ме истепаат. Од овој настан претрпев огромен стрес и се здобив со лесна телесна повреда за која имам и медицинска документаија. Со овој протест сакам да го искажам моето незадоволство од пристапот на контролорите на ЈСП кон мене, верувам дека на многу други граѓани им се им се има случено ваква или слична ситуација, и тука сум да зборувам во име на сите граѓани кои биле малтретирани од вработените контролори на ЈСП.“

Сирхан Усеини достави три барања: Отказ за двајцата контролори, зголемена внатрешна контрола на ЈСП и вработување на Роми контролори во ЈСП.

Мора да се стави крај на насилниот и деградирачки однос на контролори кон патници, бидејќи ова не е изолиран случај, велат од Хелсиншкиот комитет, од каде најавија дека ќе поднесат кривична пријава за случајот, а дека веќе е поднесена преставка до Народниот правобранител, Комисијата за заштита од дискриминација и Град Скопје. Од ЈСП ги демантираа обвинувањата, истакнувајќи дека сите корисници на јавниот превоз имаат еднаков статус. Единствено, како што посочија оттаму, разликувале патници со уредно валидиран билет и патници без билет.

„Слободен печат“ вчера ги запраша граѓаните какви се нивните искуства во јавниот превоз, односно дали некогаш биле жртви или сведоци на насилство или дискриминација од страна на контролорите во ЈСП и се соочи со вознемирувачки сведоштва. Прочитајте ги ТУКА.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот