Јован Вранишковски: Денеска се воспостави целосно евхаристичко единство со нашите браќа

Фото Танјуг Принтскрин

Поглаварот на Православната охридска архиепископија (ПОА), Јован Вранишковски во обраќањето на денешната заедничка литургија на СПЦ и МПЦ-ОА во храмот „Свети Сава“ во Белград изјави дека денеска е порадосен отколку од денот кога го доби томосот за автономија на ПОА.

„Не знам кога радоста ми беше поголема – кога го примав томосот за автономија за Православната охридска архиепископија од раката на патријархот Павле или денеска кога се воспоставува целосно литургиско општење со сите архиереи на МПЦ-ОА. Ако треба да одбирам би дал предност на денешната радост бидејќи денеска се воспостави целосно евхаристичко единство со нашите браќа со кои не бевме“ вели тој.

Вранишковски повика да им се оддаде признание и почит на архиереите од МПЦ-ОА на чело со архиепископот Стефан кои, како што рече, ги издржаа неразумните и противцрковните притисоци на јавноста во РСМ.

„Овој ден го создаде Господ за да се радуваме и веселиме во него. Единството на црквата не е дополнување на суштината на црквата, туку самата суштина на црквата. Не може да имаме две или повеќе цркви како што веруваат протестантите или две или повеќе литургии. Со денешната литургија се признаваат сите свети тајни и молитвословија кои се извршени во МПЦ-ОА за цело време додека таа не беше во единство со СПЦ, а преку неа и со сите православни цркви. Треба да се оддаде голема почит и признание на архиереите од МПЦ-ОА на чело со архиепископот Стефан кои ги издржаа неразумните и противцрковните притисоци на јавноста во РСМ“, додаде тој.

На крајот, тој им се заблагодари на свештениците и верниците на неговата ПОА кои, како што рече, сите тие години служеле и слушале литургии по приватни куќи и подруми и биле прогонувани и судени, но биле свесни дека тоа е жртва за единството на црквата.

Тој упати најголема благодарност до поглаварите на СПЦ Порфириј и до МПЦ-ОА Стефан: на Порфириј, за како што рече, добрата волја и големата упорност за проблемот на расколот конечно да се реши, а на Стефан за покажаната подготвеност за лична жртва да ги понесе озборувањата на нецрквените луѓе во РСМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот