уставен суд / Фото: Слободен печат - Драган Митрески
уставен суд / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Јазикот коски крши, Уставниот суд пред голем залак

Анархија, државен удар, политичко табу, правен хаос се термините што беа употребени во изјавите на политичарите и на експертите по најавата на претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, дека овој и наредниот месец на дневен ред ќе бидат горливите прашања за нашето општество – уставноста на Законот за јазиците и за балансерот.

Дали ни претстои анархија, ќе биде појасно откако Уставниот суд во октомври ќе пресече за Законот за јазиците, а претходно месецов и за балансерот. Премиерот Христијан Мицкоски не верува дека има политичари што не би ја почитувале одлуката на Уставниот суд и е дециден дека не сме анархија, наспроти албанскиот политички блок што смета дека чепкањето на Уставниот суд во албанскиот јазик и во балансeрот е еднакво на државен удар.

Аналитичарите порачуваат дека е време да се соочиме со сите политички табуа, бидејќи системот во кој живееме не само што не функционира, туку е неодржлив и води кон пропаст. Претседателот на Уставниот суд, пак, Дарко Костадиновски, во интервју за МИА рече дека со Законот за јазиците, политиката создаде своевиден правен хаос, кој резултираше со политички хаос, недоверба, дилеми. Тој додаде дека на јавноста ѝ е познат извештајот на Венецијанската комисија и дека Уставниот суд е на потег не за мудра туку за уставно-правно втемелена и аргументирана одлука.

Мицкоски: Треба да ги почитуваат одлуките на Уставен, без оглед дали ни се допаѓаат или не

Христијан Мицкоски, премиер Фото: Мицкоски Фејсбук

Премиерот е убеден дека и граѓаните и политичарите треба да ги почитуваат одлуките на Уставниот суд без оглед дали тие ни се допаѓаат или не ни се допаѓаат.

– Уставниот суд е највисока судска инстанција во државата и не можам да поверувам дека постојат граѓани во Македонија или политички чинители што себеси се сметаат за одговорни, а да не почитуваат одлуки на Уставниот суд. Еве, да ја оставиме политиката настрана, да видиме каква одлука ќе донесе Уставниот суд и нормално е дека сите ние како граѓани треба да ја почитуваме. Ова не е анархија, ние не можеме да се однесуваме дека сме во анархија. Колку тоа да не ни се допаѓа, не секогаш во животот работите ни се допаѓаат или не ни се допаѓаат, треба да ја почекаме одлуката и тогаш да носиме заклучоци – дециден е Мицкоски.

Изјавата на премиерот може да се толкува дека нема намера да прави компромиси кога станува збор за судски одлуки наспроти острата реторика и предупредувања на владиниот партнер Вреди.
Прашан дали гледа тенденција дека Уставниот суд сега ќе расправа за Законот за јазиците, бидејќи предметот пет години бил „во фиока“, лидерот на СДСМ Венко Филипче рече дека не сака да коментира изјава на друга институција.

Венко Филипче лидер на СДСМ Фото Филипче Фејсбук

– Во однос на Законот за употреба на јазиците не се одлучува за севкупна употреба туку за парцијална и во однос на тоа партијата деновиве ќе заземе став и ќе излезе во јавност – рече Филипче.

Вреди ја оцени изјавата на Костадиновски за Законот за употреба на јазиците и за балансерот како опасна и неприфатлива.

– Сметаме дека оваа иницијатива, која доаѓа од сили познати по своите анти-НАТО ставови, не е ништо повеќе од обид за државен удар со правни експерименти. Доколку ваква иницијатива биде прифатена, ќе се отвори Пандорината кутија за сите клучни достигнувања на државата, вклучително и промената на уставното име, која исто така беше реализирана без потписот на тогашниот претседател Ѓорге Иванов, што овозможи членство во НАТО. Ваков чин би ги загрозил стабилноста и суверенитетот на Република Северна Македонија, сериозно заканувајќи се на нејзината евроатлантска ориентација. Коалицијата Вреди решително и без компромиси ќе го брани интегритетот на државните институции и интересите на граѓаните на Република Северна Македонија, стоејќи цврсто против секој обид за нарушување на евроатлантскиот пат на земјата – велат од Вреди.

Лидерите од Коалицијата ВРЕДИ во Скопската чаршија/Фото: Скриншот

Опозициската ДУИ оцени дека намерно сценарио на власта за провокација се игрите со албанскиот јазик и со балансерот. Според партијата на Али Ахмети, по политичките изјави на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и други претставници на власта против балансерот и службената употреба на албанскиот јазик, вознемирени се и од изјавата на претседателот на Уставниот суд за наводно „отстранување на дилемите“ за балансерот и за Законот за јазиците.

– Отворањето вакви теми и секоја евентуална одлука во насока на кршење на механизмите и на правата што произлегуваат од Охридскиот договор, не е ништо друго освен враќање на Северна Македонија во времето пред Охридскиот договор. Овие изјави и постапки се вистинските сценарија за провокација и јасно покажуваат кои се тие што сакаат и предизвикуваат меѓуетнички тензии. Ја потсетуваме актуелната власт дека за овие теми нема дилеми и се затворени со уставните амандмани и другите закони што се во сила, кои беа изгласани со двојно и апсолутно мнозинство, од различни парламентарни состави – реагираше ДУИ.

Европски фронт Фото: Фејсбук Аеијанит Хоџа

Се огласи и Агенцијата за примена на јазикот, според која изјавата на претседателот на Уставен е многу опасна авантура за Македонија, бидејќи допира едно од најчувствителните прашања, како што е албанскиот јазик, прашање кое е решено со донесувањето на Законот за употреба на јазиците во 2019 година.

– Законот јасно и недвосмислено вели дека друг службен јазик, освен македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, е и албанскиот јазик и неговото писмо. Затоа, секој обид да се промени ова или да се намали ова основно право е опасен. Констатацијата на односниот претседател дека овој закон „произведе политички хаос, недоверба, дилеми“, сметаме дека е тенденција да се драматизира ситуацијата без никаква реална потреба – смета Агенцијата.

Оттаму оценуваат дека иницијативите се политички, националистички и антихумани и истакнуваат дека албанскиот јазик е на Албанците и не загрозува никого. Според Агенцијата, тенденцијата за исклучување на албанскиот од службена употреба е стара идеја, која предизвика тензии и конфликти.

Костадиновски: Поздраво е Судот да одлучува промптно и без калкулации

Претседателот на Уставен суд потсетува дека предметот за Законот за јазиците е составен од 13 иницијативи од различни граѓани, политички партии, здруженија, а е оформен од 2019 година. Свесни сме, како што вели, за јавниот интерес и за можните последици доколку Судот одлучи да го укине или да го остави во примена овој Закон или да интервенира во одредени одредби, можно е да има незадоволни.

– Она што е важно е да се видат објективно аргументите во одлуката каква и да е пред да се дава каков било коментар. Одлуката на Судот треба да биде почитувана и прифатена како израз на зрелост на политиката и на општеството, одлуката да биде ориентир рамка за делување на законодавецот – нагласува Костадиновски.

Дарко Костадиновски, претседател на Уставен суд

На прашањето дали ќе успее Судот мудро да балансира без да ги наруши политичко-етничките односи во државата, како и за можните безбедносни предизвици, Костадиновски појаснува дека Уставниот суд го носи најголемиот товар да пресече за какво било деликатно прашање но, како што вели, затоа и постои Судот.

– Искуството ми укажа на две важни работи, кои се важни и за мојот мандат како претседател. Прво прашање е: дали одложувањето на одлуката по одредено прашање во име на сензибилноста и можните општествени реакции и импликации е оправдано и дали ја постигнало својата цел? Не, сензибилноста по такви прашања не е лимитирана со временска рамка, сензибилноста не се намалува со протокот на време, тие биле и сè уште се сензибилни предмети и пред четири години исто и денес, и од тој аспект подобро и поздраво е Судот промптно, без калкулации, да одлучува, исклучиво со уставно-правни аргументи и затоа како претседател со ова искуство ќе се залагам за што е можно побрзо одлучување за предметите без разлика на степенот на нивната сензибилност – потенцира претседателот на Уставниот суд.

Според Костадиновски, не може и не е дозволено македонското општество да „трепери” очекувајќи ја одлуката на Уставниот суд по одредено прашање.

– Не може многубројни политички актери претпладне од уста да не ја вадат заложбата за правна држава, за владеење на правото, за европски стандарди, а попладне да ги етикетираат одлуките на Уставниот суд како политички, етнички, верски итн. Не може политиката како досега да се поставува над правото, да ги пречекорува со Устав исцртаните рамки, да прават правен хаос, кој создава политички хаос, и кога Судот ќе даде правен одговор на хаосот, тогаш да се етикетира или одлуките на Судот да се повод за некоја политичка тензија. Крајно време е да прејдеме во зрела демократија, од која бенефит ќе имаат сите граѓани без исклучок – нагласува Костадиновски.

Експретседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска додека беше на функција најави дека есенва Судот се очекува да донесе одлуки за Преспанскиот договор и за Законот за јазиците. За тие предмети Судот не расправаше бидејќи Уставен повеќе од една година не беше комплетиран.

Ранѓеловиќ: Квалитетот на системот мора да претставува наднационален интерес

Политичкиот аналитичар Иво Ранѓеловиќ за „Слободен печат“ вели дека квалитетот на системот мора да претставува наднационален интерес, легитимно ставајќи ги во втор план сите етнички и религиозни предзнаци.

Иво Рангеловиќ – политиколог / Фото: ”Слободен печат” – Драган Митрески

– Политиката неретко знае да е лицемерна, а овој случај е уште една потврда за таквото нешто. Имено, не само албанските партии, туку веројатно сите забораваме дека токму балансерот, Законот за јазици и слично беа принудно донесени закони поради загрозената безбедност во државата, државниот удар и сите други нарушувања на суверенитетот на Македонија, а не обратно. По повеќе од две децении се покажа дека овие алатки технички го помогнаа процесот на еманципација и интеграција на малцинствата во општеството, но суштински не резултираа во додадена вредност. Сметам дека е време да се соочиме со сите политички табуа, бидејќи системот во кој живееме не само што не функционира, туку е неодржлив и води кон пропаст. Квалитетот на системот мора да претставува наднационален интерес, легитимно ставајќи ги во втор план сите етнички и религиозни предзнаци – вели Ранѓеловиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот