Министерката Весна Јаневска во Брисел / Фото: Министерство за образование и наука

Јаневска: Македонија ја забрзува паметната специјализација, реализирани се над 80 отсто од задачите во Акцискиот план

Владата е цврсто определена да ја имплементира Стратегијата за паметна специјализација, со цел да изгради општество базирано на знаење и иновации, а Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија (JRC) останува еден од најважните партнери во процесот. Ова го истакна министерката за образование и наука, Весна Јаневска, на конференцијата за паметна специјализација на земјите од Западен Балкан што денеска се одржува во Брисел.

Јаневска ги презентираше резултатите од спроведувањето на Акцискиот план 2024–2025, нагласувајќи дека планот опфаќа 35 мерки и 63 активности со буџет од 6,1 милион евра, од кои над 80% веќе се реализирани. Министерството за образование и наука учествува во 31 активност.

Таа најави дека новиот Акциски план за периодот 2026–2027 е во подготовка и ќе ги инкорпорира препораките на JRC за подобрување на финансиската одржливост, зголемување на ангажманот на приватниот сектор и поефикасен мониторинг и евалуација.

Министерката истакна дека Владата годинава речиси двојно го зголеми буџетот за наука и истражувања, финансирајќи проекти на научни и високообразовни институции, МАНУ и бизнис секторот, во согласност со целите на Стратегијата. Усвоен е и нов Закон за иновациска дејност, научно-технолошки развој и претприемништво, врз основа на кој е формирана Националната агенција за иновации и претприемништво – ИНОВА. Во тек е изработка и на нови закони за високо образование и научно-истражувачка дејност.

Јаневска ја претстави и националната иницијатива за основање Научно-технолошки парк, означувајќи го како клучен стратешки приоритет на Владата. Проектот треба да започне да се реализира од 2026 година.

Македонските научници веќе имаат пристап до лабораториите на JRC, по минатогодишното потпишување меморандум за соработка со МОН. Во 2026 ќе биде објавен и повик за финансиска поддршка за истражувачите.

На конференцијата учествуваа и еврокомесарката за проширување Марта Кос, генералниот директор на JRC Бернард Магенхан, како и министри и претставници од земјите од Западен Балкан.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот