Весна Јаневска, министерка за образование и наука / Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Јаневска им објави војна на продавачите на магистерски трудови и докторати за 300 евра

Како да се реши тоа што на интернет во огласи се продаваат услуги со кои за 300 евра на студенти им се пишуваат магистерски и докторски трудови? Ова прашање денеска ѝ беше поставено на министерката за образование Весна Јаневска која рече дека ова е работа на полицијата и на инспекцијата.

-Можеме да влеземе во борба со тоа. Треба време, но ќе направиме платформа своевиден „ѕид на срамот“ каде ќе бидат објавени целосно трудовите, со рецензиите и потписите на професорите. Билтените ги читаат само заинтересираните и поминуваат различни типови на магистериуми и докторати. Вториот чекор е магистерските и докторатите да се објавуваат на оглас. Значи, Министерството да објавува огласи за тоа кои се потребите во различните области а студентите и професорите да се пријавуваат, рече проф. д-р Јаневска.

Таа додаде дека системот за детекција на плагијати plagijati.mon.gov.mk работи со застарен софтвер и затоа иднината е да се објавуваат трудовите и академската заедница да ги критикува.

Министерката зборуваше за плановите на Министерството за образование и наука – во 2026 година да има поголем буџет за наука, во март платите на наставниците да се покачат од 7-10 проценти, да има два вида на државна матура едната стручна а другата гимназиска за да им се излезе во пресрет на учениците кои учат по различни предмети и програми.

Таа истакна дека новиот електронски дневник кој функционира од 1 септември не паднал ниту еднаш и нема проблеми со неговото функционирање откако наставниците се прилагодиле на тоа како да го прават внесувањето на податоците и тоа дека внесеното не може да се брише.

– Имаме учебници на кои учениците и наставниците не се жалат, има по некоја поплака но оваа година ќе биде поинаку. Направивме многу – седум закони имавме, а спремни се следните седум. Не секогаш од министерството и од министерот зависи како ќе се одвиваат работите, но јас се надевам дека ќе се одвиваат во најдобар ред, рече Јаневска.

Во 2026 ќе продолжи воведувањето едносменска настава – досега 200 е бројот на училишта што се опфатени. Етапно ќе се воведува електронското свидетелство.

Новиот закон за високо образование до крајот на годинава треба да биде поставен за дискусија на Електронскиот национален регистар на прописи. 

Меѓу најзначајните новини со новата легислатива се и построгите критериуми за напредување во академски звања и за реизбор на универзитетските професори.

Поради неисполнување услови и неправилности, досега се затворени 14 институти и контролите продолжуваат и наредната година. Како што рече Јаневска, потешко оди со одлуките за затворање факултети поради недоречености во актуелниот закон за високо образование и се очекува тој проблем да се надмине со новиот закон.

На средбата со новинарите министерката информираше и дека во напредна фаза е решението за довршување на објектите за ФИНКИ и Факултетот за физичка култура во близина на Ректоратот на УКИМ.

Работна група на Градежниот факултет, во која е вклучен и ИЗИИС, направила анализа и следната недела ќе биде објавен тендер за репроектирање. Кога ќе биде готов ќе има оглас за изведувач на градежните работи.

Објектите нема да имаат барокна туку модерна фасада и, според новиот проект, предвидено е двата да бидат споени со мост.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот