Јанева не поднела писмена оставка, усната не важи!

Не постои оставка на специјалната обвинителка Катица Јанева се додека таа не биде писмено доставена до Советот на јавни обвинители, сметаат експертите. Од друга страна, ако оставката стане ефективна, без Јанева не постои ниту Специјалното јавно обвинителство и во август не можат да продолжат судењата по десетината преостанати предмети што СЈО ги води пред судовите, па некои експерти сметаат дека треба веднаш да се бира нов специјален обвинител според актуелниот закон за СЈО.

Претседателот на Советот на јавни обвинители Коле Штерјев вели дека до Советот нема доставена оставка од специјалната обвинителка Јанева.

– Ние не можеме да ја констатираме оставката само врз основа на нејзината усна изјава. Треба да ја имаме написмено. Ако сака навистина да даде оставка, се знае како се дава според законот – вели Штерјев за „Слободен печат“.

На наше барање и од СЈО потврдија дека писмена оставка на Јанева не е доставена до Советот на јавни обвинители.

Јанева ги има сите овластувања

Јанева најави оставка на 15 јули, истиот ден кога Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција (ЈОГОКК) го отвори случајот Рекет во кој Бојан Јовановски и Зоран Милески Кичеец се осомничени дека зеле 1,5 милион евра рекет од Орце Камчев за да му ја олеснат постапката пред СЈО во истрагата „Империја“.

– Ја депонирам мојата оставка која ќе стане активна тогаш кога политичките партии ќе се усогласат за новото законско решение и ќе го изберат мојот наследник – соопшти тогаш Јанева и потоа не објасни ништо повеќе ниту за претстојните судења ниту за статусот на обвинителството и на нејзиниот тим од обвинители и истражители.

Професорката од Правен факултет Мирјана Најчевска вели дека се додека не се достави оставката согласно со процедурите, не постои оставка, туку само јавно изнесена намера.

– Тоа значи дека во моментов Катица Јанева си е во СЈО во улогата која и досега ја имаше, а нејзиното понатамошно распоредување ќе се врши согласно одредбите на новиот закон за ЈО – вели Најчевска.

Јанева најави дека оставката ќе ја активира кога ќе се избере нејзиниот наследник, но во најновата варијанта на предлог-законот, кој пратениците ќе го разгледуваат на 27 август, СЈО повеќе не постои, односно СЈО и ЈОГОКК се спојуваат во Јавно обвинителство за гонење организиран криминал и висока корупција. Во преодните одредби е наведено дека со новото обвинителство ќе раководи јавниот обвинител на ЈОГОКК до завршување на мандатот, односно Вилма Рускоска. Откако новиот закон ќе биде усвоен, престанува важноста на законот за СЈО.

Се уште важи законот за СЈО

Ако овој предлог-закон биде изгласан, Јанева ќе биде прераспределена како обвинител во републичкото Јавно обвинителство, но ако не биде изгласан или ако Јанева ја активира оставката се отвараат многу дилеми.

Во врска со оставката на Јанева професорот од Правен факултет Гордан Калајџиев смета дека Советот на јавни обвинители може да ја прифати понудената оставка на Јанева.

– Не мора да биде поднесена писмено оставката, Советот на јавни обвинители може да ја констатира и да се оди на избор на нов специјален јавен обвинител според Законот за СЈО, кој се уште е на сила. Предлог-законот за ЈО практично е затварање, односно стечај за СЈО. Но, јас не би го чекал новиот закон, тој засега е само идеја, а ние имаме важечки пропис за специјалното обвинителство – вели Калајџиев.

Но, за да се избере нов специјален обвинител согласно се уште важечкиот закон за СЈО е потребна согласност на четирите парламентарни партии, а за такво нешто ниту се зборува, ниту се размислува во сегашните услови кога Парламентот се подготвува со новиот закон за ЈО да го погребе СЈО. Според професорот, не би требало да се чека дали ќе помине новиот предлог-закон за ЈО, затоа што според него, нема многу изгледи да помине.

– А закон што важи е закон – заклучи Калајџиев.

Тој неодамна појасни и дека без специјалната обвинителка Јанева не можат да продолжат судењата по предметите на СЈО, затоа што „оставката на Јанева е оставка за целиот тим“.

Јанева може да ја разреши само двотретинско мнозинство во Собранието

Според законот за СЈО, институцијата е еден човек – специјалниот обвинител е овластен независно и самостојно да истражува и да гони кривични дела кои се поврзани или произлегуваат од содржината на неовластеното прислушување. Останатите обвинители немаат право да донесуваат наредби и обвиненија, а имаат право да го застапуваат специјалниот обвинител пред надлежниот суд. Во законот е наведено и дека функцијата специјален обвинител ќе биде извршувана од него лично и од други обвинители кои му помагаат.

Специјалниот обвинител одговара за својата работа пред Собранието и пред Советот на јавни обвинители. Функцијата може да му престане по сопствено барање, ако трајно ја загуби способноста за вршење на функцијата, ако е избран или именуван на друга функција и ако е осуден на затвор или друга кривична санкција што го прави недостоен за јавен обвинител. Престанокот го утврдува Советот на јавни обвинители на предлог на Собранието, кое пак, предлогот го утврдува по претходна согласност на четирите политички партии со најголем број на пратеници, со двотретинско мнозинство и со Бадентер. Освен престанок на функцијата, во законот е дефинирано и разрешување на специјалниот обвинител, кое исто така го врши Советот на јавни обвинители.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот