Јанакиески за „Насилство во Центар“: На многу судења сум, немам време за завршни зборови!
Рочиштето за делото „Насилство во Општина Центар“ продолжува на 24 месецов со завршни зборови на обвинителството. И покрај понудата на судијата Душан Јосифов, обвинителот Гаврил Бубевски денеска да ги презентира завршните зборови, тој побара друг датум со образложение дека се прибавени нови материјални докази од страна на одбраната и затоа не бил подготвен.
Судот прифати нови девет материјални докази од страна на одбраната, кои во најголем број се однесуваат на аудио снимките на СЈО. Адвокатот Еленко Миланов кажа дека аудио снимките приложени кон обвинението не биле целосно, а дел од нив и извадени од контекст. Тој побара да се прибави и снимка која ја презентирал тогаш претседателот на Советот на општина Центар, Саша Богдановиќ, а која се однесува на насилствата пред општинската барака, но одговорот кој го добил од претседателот на ОЈО, Љубомир Јовески дека тој транскрипт не е дел од обвинението, затоа што разговорот не укажувал на делото поттикнување, кое им се става на товар на обвинетите Миле Јанакиески и Даниела Рангелова.
– Тоа е разговор помеѓу господинот Никола Груевски и господинот Миле Јанакиески од 01.06.2013, којшто на сиот овој настан дава друга конотација, во којшто се утврдува дека на трети, кога наводно биле координирани сите овие Комитетите, господинот Миле Јанакиески се наоѓа на меѓувладина конференција во Србија. Тоа значи дека тој ниту можел да присуствува тука, ниту можел да организира, ниту можел било кого да насочува на нешто од овие настани за што се товари со самото обвинение. Фактот дека постои друга снимка којашто ја презентира Саша Богдановиќ на прес конференција како дел од оние материјали што ги поседувало СДСМ, јасно укажува дека тие материјали или не се доставени целосно до тогашното СЈО или пак СЈО не ги доставува сите докази, иако согласно законот е обврзано, изјави адвокатот Еленко Миланов.
Претходно судијата одби да прифати нови сведоци, иако екс министерот Јанакиески го предложи владиката Агатангел, бидејќи, како што вели, повеќемина сведоци го посочиле како организатор на протестот.
Јанакиески: Владиката Агатангел треба да сведочи за „Шамарите во Центар“
Поради судските обврски на Јанакиески не можеше ниту да се утврди датум за завршни зборови на адвокатите на одбраната, па остана за ова прашање дополнително да се договараат.
– Секој ден сум во суд, не можам да постигнам. За секое дело имам по минимум седум сведоци. Ќе ни бидат потребни барем два викенда за да ги составиме завршните зборови, истакна кусо Јанакиески.
Во овој предмет, покренат од тогашното СЈО, за делотов „поттикнување“ првообвинет е поранешниот премиер Никола Груевски, како и Миле Јанакиески и Даниела Рангелова, а уште десетина други за делото „насилство“, по ескалацијата на протестите во 2013 година пред просториите на Општина Центар.