Јанакиески: Владиката Агатангел треба да сведочи за „Шамарите во Центар“
И покрај очекувањата делото „Насилство во Центар“ денеска да продолжи со завршни зборови на обвинетите, одбраната побара дополнување на доказната постапка.
Препорачано
Предлог за дополнителна доказна постапка побара и бранителот на обвинетиот за насилство од настаните во Општина Центар во 2013 година, Александар Трајковски, како и обвинетиот за поттикнување, екс министерот Миле Јанакиески.
Адвокатот на Јанакиески, Еленко Миланов, нагласи дека поранешниот министер бил прислушуван од мај 2012 година, па се до 2015 година, но снимките кои од Обвинителството биле предложени како доказ не биле целосни, туку извадени од контекст.
Миланов побара записник од предавањето на бомбите во СЈО, а таков попис бил доказ во делото Таргет-Тврдина, по што судијата му го одзеде зборот, бидејќи се осврнувал на елементи надвор од постапката.
Миле Јанакиески пак додаде дека партијата ВМРО-ДПМНЕ не била организатор на протестите, а од сведоците можело да се чуе дека тоа бил владиката Агатангел, кој требало да биде повикан да сведочи.
И адвокатот Димитар Дангов побара да се продолжи доказната постапка, со образложение дека е неопходно супер-вештачење на ЦД-ата од СЈО, бидејќи стручно лице кое сведочеше на барање на одбраната истакнало дека снимките не се автентични.


