Јахтата на Медведчук ќе се продаде на аукција

Јахта на Медведчук/ Фото Anton Denisov / Sputnik / Profimedia

Јахта вредна двесте милиони долари во сопственост на украинскиот олигарх Виктор Медведчук ќе се продава на аукција. Јахтата беше одземена во Хрватска на почетокот на оваа година. Украинската влада објави дека хрватскиот суд одлучил 92,5-метарската јахта на Медведчук „Ројал Романс“ да биде префрлена на Украинската агенција за наплата и управување со средства (АРМА).

Поранешниот украински пратеник и сојузник на Путин, Медведчук беше уапсен во Украина во април, но беше ослободен и екстрадиран во Русија при размена на затвореници во септември. 68-годишниот олигарх го нарекуваат „мрачниот принц“ на украинската политика, а Путин е кум на неговата ќерка Дарија, пишува Гардијан.

АРМА е специјален огранок на украинската влада чија задача е „пронаоѓање, следење и управување со средствата добиени преку корупција“. Тие најавија дека ќе ја дадат на аукција јахтата, што е прва таква продажба во корист на Украина откако западните влади воведоа ограничувања на имотот на голем број олигарси по почетокот на руската инвазија на Украина во февруари.

АРМА потврди дека нејзините агенти полетале во Хрватска и ја прегледале запленетата јахта. „Ројал Романс“ е изградена од холандскиот производител на суперјахти „Федшип“ во 2005 година. Јахтата има кабини за сместување на 14 гости и базен широк 4 метри, а на неа може да се сместат вкупно 22 члена на екипажот.

Инаку, во септември 72,5 метри долгата суперјахта на рускиот олигарх Дмитриј Пумпјански беше продадена на аукција на непознат купувач за 37,5 милиони долари. Тоа беше прва продажба од ваков вид откако Русија ја нападна Украина, но во тој случај средствата од продажбата отидоа кај американската инвестициска банка ЏП Морган, која тврдеше дека Пумпјански и должи 20,5 милиони евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот