Ја бојкотираат ли националните телевизии Владата? Одговорните ниту потврдуваат, ниту демантираат

По информацијата која се појави во одредени медиуми, дека петте национални телевизии ги бојкотираат настаните во организација на владата и министерствата, „Слободен печат“ стапи во контакт со дел од директорите и одговорните уредници при што не добивме одговор на прашањата дали се случува ваков организиран бојкот на владините настани, и ако да, од кои причини се прави тоа.

Директорот на телевизија „Алфа“, Јани Бојаџи за „Слободен печат“ рече: „Не бојкотираме, но имаме определена уредувачка политика во однос на активностите на владата, министерствата и нивните институции, што е адекватно на односот кој тие го имаат кон нас како национални телевизии“.

Директорот и главен уредник на „Телма“, Атанас Кировски, во телефонски разговор не сакаше да коментира, туку само кратко ни рече „Не можам да ви дадам информација, поради тоа што такво нешто не се случува“.

Откако телефонски не стапивме во контакт со директорот на „Канал 5“, Иван Мирчевски, преку СМС порака му го поставивме прашањето, тој ни испрати одговор: „???“.

Директорот на „Алсат“, Лирим Хајредини беше зачуден од прашањето кое му го поставивме, притоа кажа дека тоа е дел од уредувачката политика на нивната телевизија, дека тие се приватна компанија и дека не го прекршуваат законот.

Во дел од медиумите се појавија информации дека национланите телевизии ќе ги бојкотираат сите настани огранизирани од владата и министерствата, како и нивните нивните институции.

Вчера вицепремиерот за европски интеграции Бујар Османи и директорот на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни услуги Зоран Трајчевски одговарајќи на новинарско прашање посочија дека медиумите имаат право да одлучат како ќе известуваат.

– Се надеваме на добра соработка, особено во овој предизборен период, кога граѓаните сакаат да ги видат ставовите на сите учесници во овој политички натпревар за да можат да донесат соодветна одлука – рече Османи.

Трајчевски, пак, посочи дека ААВМУ „не може да биде уредник на било кој медиум“ и не смее да се меша во уредувачката политика.

– Медиумите треба да го намалат влијанието на владините функционери, бидејќи сведоци сме дека последниве денови има зголемен број на активности, а голем дел од нив немаат суштина, туку се пара-настани, кои се креираат само за да бидат присутни во медиумите. И медиумите сами оценуваат што од тоа е вистински настан и за што да ги информираат граѓаните – рече Трајчевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот