Извештај на „Гринпис“ за 2020 година: Полски Оржеже најзагаден град во Европа, Скопје на 74 место

Во три четвртини од земјите во светот е забележано прекумерно загадување во 2020 година, и покрај значителното ограничување на изворите на загадувачи поради пандемијата, се вели во извештајот на еколошката организација „Гринпис“.

Извештајот за квалитетот на воздухот, составен од „Гринпис“ и IQAir AirVisual, ги анализира податоците за загадувањето на воздухот собрани во десетици илјади набудувачки центри.

Извештајот ја мери концентрацијата на ПМ 2,5 микрочестички, мали честички во воздухот со дијаметар од 2,5 микрони, кои се особено штетни за здравјето на луѓето.

Од 106 земји со достапни податоци, само 24 ги исполнија стандардите на Светската здравствена организација (СЗО) кога станува збор за ПМ 2,5. Овие честички влегуваат во крвотокот преку белите дробови и се причина за астма, рак на белите дробови или срцеви заболувања.

Честичките PM 2.5 се создаваат од песочни бури, во шумски пожари, во земјоделство, во индустрија и при согорување на фосилни горива.

– Многу делови на светот забележаа привремено подобрување на квалитетот на воздухот во 2020 година, но само привремено, „поради ограничувања поради пандемијата на коронавирусот што доведе до нагло опаѓање на потрошувачката на фосилни горива“, рече Лора Миливирта од Центарот за енергија и Истражување на воздухот, што исто така учествуваше во изработката на студијата.

Како и претходните години, Јужна и Источна Азија се најпогодени од загадувањето со ПМ 2,5 во 2020 година – Бангладеш, Индија и Пакистан имаат 42 од 50-те најзагадени градови во светот, или 49 од 50 ако Кина се додаде на списокот. Подобрување, сепак, е забележано во 86 проценти од градовите во Кина.

Меѓу главните градови, Њу Делхи беше најзагаден (како во 2019 година). Следат Дака, Улан Батор, Кабул, итн.

Од друга страна, Стокхолм, Хелсинки и Велингтон се главните градови што се најмалку погодени од загадувањето.

САД беа исклучок минатата година и забележаа зголемување на загадувањето со ПМ 2,5 од 6,7 проценти, што беше последица на пожарот на северозападот на земјата. Околу 38 проценти од американските градови не ги исполнуваа стандардите на СЗО во 2020 година, наспроти 21 процент во 2019 година.

Во Европа, најзагаден беше полскиот град Оржеже, зад него е Сараево додека Скопје е на 74 место.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот