Изненадување во модниот свет – Стефано Габана се повлече од челната позиција во „Долче и Габана“
Италијанскиот моден бренд „Долче и Габана“ соопшти дека соосновачот Стефано Габана се повлекол од функцијата претседател на компанијата на почетокот на 2026 година, пишува „Гардијан“.
Препорачано
Како што наведуваат од модната куќа, оставката стапила на сила на 1 јануари и претставува дел од „природна еволуција на организациската структура и управувањето“.
Сепак, од компанијата потенцираат дека оваа одлука нема влијание врз креативната работа на Габана, кој и натаму ќе биде вклучен во дизајнерските процеси.
Нов претседател стана Алфонсо Долче, брат на Доменико Долче и извршен директор на компанијата.
Според информации од медиумите, Габана размислува и за иднината на својот удел од 40 проценти во компанијата, во пресрет на разговорите со банките и кредиторите.
Модната куќа, основана во 1985 година, се соочува со предизвици поради падот на луксузниот пазар, дополнително засилен од глобалните економски неизвесности и случувањата на Блискиот Исток, кој е значаен пазар за вакви брендови.
Во март, компанијата ангажирала финансиски советник во подготовка за преговори со доверителите, а според достапните податоци, долгот изнесува околу 450 милиони евра.
Инаку, „Долче и Габана“ низ годините беше во центарот на повеќе контроверзии, вклучително и обвинувања за расизам и хомофобија, што влијаеше врз имиџот на брендот на глобално ниво.


