Измислениот концерт за кој скопјанец продавал карти бил за австралискиот ди-џеј Тими Трампет
Во дел од медиумите уште стои најавата за концерт, поточно дека „на 13-ти јуни, Скопје ќе биде домаќин на вистински спектакл и еден од најпознатите и најинтерактивните диџеи во светот Тими Трампет“. Но, МВР денеска му поднесе кривична пријава на 25-годишникот А.Х. за кривично дело „компјутерска измама“ бидејќи како одговорно лице на компанија која организира музички настани, преку веб-страница за продавање на билети, овозможувал електронско купување на билети за концерт кој воопшто не бил предвиден да се одржи, односно не бил склучен никаков договор за негово одржување.
Препорачано
„Слободен печат“ праша во МВР за кој концерт се работи и добивме одговор дека станува збор за концерт што бил најавуван за 13 јуни 2025 година, на локација стадион на АРМ а каде било претставувано дека ќе настапи австралискиот ди-џеј Тими Трампет.
„Денеска (05.08.2025) Секторот за компјутерски криминал при МВР до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава против А.Х. (25) од Скопје за сторено кривично дело „компјутерска измама“ по чл.251-б од Кривичниот законик. А.Х. во периодот од 04.04.2025 до 13.06.2025 како одговорно лице на компанија која организира музички настани, преку веб страница за продавање на билети овозможил електронско купување на билети за концерт кој воопшто не бил предвиден да се одржи, односно не бил склучен никаков договор за негово одржување, со што ги довел лицата во заблуда да купат билети за концертот и притоа не ги рефундирал парите“, пишува во полициското соопштение.
Пред 3 години за Илинден австралискиот музичар Тимоти Џуд Смит, попознат по неговото уметничко име Тими Трампет, навистина настапи на фестивалот „Охрид Колинг“. За време на неговиот настап пред 3 години тој го развеа македонското знаме додека во позадина се слушаа препознатливите македонски песни „Слушам кај шумат шумите“ и „Јовано Јованке“.
Трампет за многу кратко време стана меѓународно познат по свирењето на труба во живо и користењето на џез елементи во денс музиката а во 2020 година успеа да се искачи на 9-то место на листата на топ сто светски диџеи.


