Постер за изложбата „Рефлексии“

Изложбата „Рефлексии“ е сведоштво на уметност произведена од две различни, но еднакво креативни индивидуи

Ретроспективна мултимедијална изложба посветена на Ратка и Димче Протугер со наслов „Рефлексии“ на 20 декември, во 19 часот, ќе биде отворена во објектот Чифте амам при Националната галерија.

Ретроспективната изложба посветена на творештвото на двајцата уметници со симболичен наслов „Рефлексии“ е сведоштво на едно време, на уметност произведена од две различни, но еднакво креативни индивидуи кои оставиле печат во македонската уметност и историја.

Димче Протугер беше познат академски сликар, еден од основачите на ликовното друштво „Денес“. Беше директор на Резбарската школа во Охрид, а потоа и на првата гимназија за применета уметност во Македонија. Делата на Димче Протугер красеа многу јавни простори, како што е неговиот витраж во Домот на културата во Тетово, или неговиот дизајн на „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата, како и неговото учество во многу групни и самостојни изложби, во Македонија и во регионот.

Ратка Протугер, пак, е творец – пишувач. Покрај поезија, таа пишуваше записи од важни историски времиња, како што е животот пред, во и после НОБ како директен сведок и носител на Партизанска споменица. Како свршеница на македонскиот народен херој Мирче Ацев, таа дава еден уникатен агол и на неговата борба погледната низ нејзините очи.

Историчарката на уметност и кураторка Јованка Попова за изложбата напиша: „Во меѓусебните траектории на Ратка и Димче Протугер се открива двојство кое не може да се сведе само на биографија. Нивниот животен и уметнички пат се одвива како паралелен запис на две форми на отпор: борбата за политичка слобода и борбата за уметничка автономија. Ратка, партизанка и активистка, учествува во материјалната и моралната изградба на слободата, онаа што се освојува со чин, со движење, со колективна жртва.“

Записи на Ратка Протугер за народниот херој Мирче Ацев

Според Попова, Димче како сликар и педагог, „ја практикува слободата како метод: како постојано отфрлање на догмата, на дисциплинарниот код на социјалистичкиот реализам, на стереотипот на уметникот како идеолошко знаме.“

Организатор на изложбата е невладината организацијата „Атриум“, со несебична поддршка на децата, внуците и правнуците на Ратка и Димче Протугер. Од „Атриум“ упатуваат благодарност кон блиските семејства, потомците и пријателите што придонеле за реализацијата на изложбата: Милчо Протугер со семејството, Невенка Протугер со семејството, Воденка Протугер Тошевска со семејството, Брезица Тошевска, Росица Тошевска и Владимир Лазаревски со семејството, Мила Протугер со семејството, Илија Трајковски со семејството, Камелија Пророчиќ, Стефан Миновски, Јованка Попова и Соња Абаџиева Димитрова.

Во истражувачкиот тим за изложбата се Ива Рајчевска, Дино Чупевски и Матеј Лазаревски, додека проектен тим се: Дино Чупевски, Ива Рајчевска, Веда Ивановска и Деспина Ралевска. Авторки на текстови во публикацијата се Јованка Попова, Соња Абаџиева Димитрова и Воденка Протугер Тошевска, а одговорна уредничка на публикација е Ива Рајчевска. Соработничка во уредништвото на публикацијата е Веда Ивановска, дизајнерка на постерот е Ива Јованова, фотографиите се на Александра Костадиновска, а видеото на Исток Чаповски.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 312, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 20-21.12.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот