Тања Балаќ, визуелна уметница

Изложбата на Тања Балаќ во МСУ создава амбиент што повикува на засилена перцепција и внатрешна концентрација

Во Музејот на современата уметност во Скопје на 31 март беше отворена изложбата со која е претставен новиот проект „Телото што ја памти тишината“ на визуелната уметница Тања Балаќ.

Мултимедијалното дело што ги истражува односите меѓу меморијата, тишината и трауматското искуство со наслов „Телото што ја памти тишината“ на Тања Балаќ е структурирано како просторно и визуелно искуство што се одвива во две целини: инсталација во изложбениот простор и видео проекција во кино салата. Преку минимални, но внимателно артикулирани елементи – светлина, боја и движење – авторката создава амбиент што повикува на засилена перцепција и внатрешна концентрација.

Во фокусот на проектот е идејата за телесна меморија – како тивко, често невидливо присуство што ги носи и трансформира искуствата, без нужно да се манифестира директно или наративно. Проектот се навраќа на интимни и суптилни состојби, отворајќи простор за нивно ненаметливо, но силно доживување.

Со овој проект, Тања Балаќ продолжува континуирано истражување низ повеќе од три децении творештво, каде личното искуство се преплетува со пошироки прашања за присуството, ранливоста и тишината.

Во својот текст кон изложбата, кураторката Алесандра Чианети (Лондон) истакнува: „Овој експериментален филм не е отстапување туку продлабочување на нејзиното истражување на тоа како телото го содржи она што светот често го замолчува. Тој не само што ја прикажува траумата, туку ја создава самата текстура на нејзиниот остаток. Начинот на кој траумата се задржува долго откако ќе помине моментот, е впишан не во наративот, туку во месото, во здивот, во просторите меѓу зборовите. Уметницата го опишува потеклото на делото, произлезено од ‘идејата за траумата’ не како настан, туку како остаток – нешто што останува во телото, долго откако ќе помине моментот.“

Отворање на изложбата „Телото што ја памти тишината“ во МСУ

Изложбата ја отвори проф. д-р Антоанела Петковска, редовен професор при Институтот за социологија на Филозофскиот факултет. Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам на РС Македонија.

Tања Балаќ во 1991 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности (ФЛУ) во Скопје. Трасирајќи го својот уметнички и професионален пат низ годините, во 2008 година, магистрира на ФЛУ во Скопје, на одделот за сликарство.

Членка е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) од 1996 година, а во периодот од 2006-2013 година беше и негова претседателка. Покрај сликарството, во последната декада истражува и на полето на различни медиуми, вклучувајќи инсталација, експериментален филм и видео уметност. Живее и работи во Скопје.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 327, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 4-5.4.2026)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот