Изложбата „Граници“ носи нови и непознати предели на уметноста

Заедничка изложба со наслов „Граници“ од ликовните авторки Дита Старова Ќерими и Шќипе Мехмети од 21 ноември до 4 декември е поставена во Галерија „Џентинета“ во Цирих, Швајцарија.

„Ние исцртуваме граници на земјата и градиме ѕидови. Опкружени сме со ѕидови. Ова е свет на граници и ограничувања, а нашата култура е култура на разлики (поимот разлика мислен како негативно одредување, како услов за идентитет). Ѕидовите се околу нас, го делат просторот, го затвораат, нè опкружуваат, се вкрстуваат и сè разминуваат, се протегаат во недоглед, се шират на сите страни создавајќи непрегледен лавиринт. Нашиот свет е наш лавиринт.

Лавиринтот не дозволува застанување и одмор, тој повикува на минување и талкање. Безмерноста на лавиринтот што го изградивме не допушта враќање и познати патеки. Лавиринтот не води кон никакво одредиште, ниту постои скриено средиште. Нема излез затоа што ние каде и да одиме го градиме и го доградуваме. Ние сме секогаш во средиштето на лавиринтот – Минотаур што вечно талка во светот што самиот го создал (ова е свет во кој човек, каде и да оди се среќава само себеси, вели Хана Арент).

Уметникот ги открива тајните знаци и патокази на ѕидовите и ја бара невидливата нишка на Аријадна. Непрекинатото и неуморно талкање низ лавиринтот во кој се губи помнењето сега добива насока што води надвор од лавиринтот кон излезот – кон неограничениот простор и непознатото. Уметноста е можна поради тоа што уметникот се осмелува да ги пречекори границите. Тој заминува на неизвесно патување во непознатото, зад границата на она што е видливо и познато. Храброста на уметникот да ги пречекори границите создава можност да се создаде уметничко дело.

Овој проект е токму таков чин на храброст, каде ликовните уметници Шќипе Мехмети и Дита Старова Ќерими се обидуваат да ги пречекорат границите на познатото во своите дела и да се упатат кон некои нови и непознати предели на уметноста“, напиша ликовниот критичар Емил Алексиев за изложбата „Граници“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 107, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 27-28 ноември 2021)

Видео на денот