Изложба во МНТ: Духот на театарот се враќа со „Сценска тишина“

Во годината во која Македонскиот народен театар ја слави својата 75-годишнина, период доволно долг за испишување на историја и достојно одбележување, светот, а со тоа и културата, се соочија со голема пандемија. Театарот остана без верната публиката, актерот не е на сцената, текстот е неизговорен. Остана тишината. Изложбата „Сценска тишина“, во продукција на МНТ, претставува желба и мотив театарот да се врати на сцената каде што ѝ припаѓа. Односно обид да се реконструираат претставите што се на репертоарот на МНТ преку костими, сценографија и/или реквизити.

„Силјан Штркот шанца“

– Театарската претстава како нужно врзана за времето и просторот во кој се одржува, постои единствено во времето во кое се одигрува. Поради тоа денес сцената е празна, но останува театарската светлина, мигот/сеќавањето за погледната претстава и поттикот да се посети непогледнатата претстава. Низ фотографиите и видеото на Драган Гајиќ се раскажува за моќта на актерот, концептот на режисерот, приказната на авторите и креативноста на авторите на сценографијата и на костимографијата – велат од МНТ.

„Животот е прекрасен“

Низ изложбата, работена по идеја и во реализација на Ивана Јарчевска и Мила Анѓелковиќ, прикажани се костими во кои играат актерите на МНТ, сценографиите на: Никола Тороманов, Илина Ангеловска, Свен Јонке, Костантин Трпеноски, Вишња Вујовиќ, Лоренцо Банчи, Владимир Жерновски и Валентин Светозарев; и костимографиите на: Марија Пупучевска, Илина Ангеловска, Снежана Пешиќ-Раиќ, Свила Величкова, Роза Трајческа-Ристовска, Ивана Каранфиловска-Угуровска, Александар Ношпал, Мануела Паладин, Лидија Георгиева, Кокев и Кадриу, Елена Пандева, Антонија Гугинска-Јорданоска и Елена Вангеловска.

„Макбет“

Поради состојбата предизвикана од ковид-19, изложбата е единствено достапна онлајн во вид на фотографии и како видео објавено на јутјуб-каналот на МНТ.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 62, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 26-27 декември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот