Изложба „Натура“ во галеријата на МКЦ: Дела создадени со многу трпение и прецизност

Самостојната изложба „Натура“ на концептуалната уметница Тамара Забазноска од 23 јуни е поставена во галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје. Поради ситуацијата со коронавирусот беа применети мерките за заштита, немаше свечено отворање, а бројните љубители на творештвото на Забазноска трпеливо застанаа во ред пред галеријата и двајца по двајца можеа одблиску да ги видат изложените дела.

Изложбата „Натура“ на Тамара Забазноска поставена во галеријата на МКЦ содржи 25 дела, меѓу кои се опусот со 12 архетипови и два триптиха. Поради специфичната техника на работа, делата се изработувани во изминатите 4 и пол години, но не се изложени сите дела што се изработени во тој период, туку е направен потесен избор што одговара на насловот „Натура/Природа“.

– Секоја идеја има свое време на реализација. Некогаш таа „крчка“ со години и често зависи од сознанијата од природата што сакам да ги претставам преку делата. За изработка на едно поединечно дело ми требале најмалку 30 часови работа – открива Забазноска во разговор за „Слободен печат“.

„Натура“ на Тамара Забазноска во МКЦ (Фотографија: Драган Митрески)

Нејзините истражувања на природата се базирани на знаења што ги стекнува преку енциклопедиите и бајките, за понатаму да го насочи својот интерес кон математиката, геометријата и релациите во просторот на макро и микро ниво. Специфичноста на делата, покрај материјалите за работа, ја даваат и огромната посветеност и ентузијазам во креацијата.

– Создавањето на делата бара трпение и прецизност, како и физичка и умствена подготвеност, бидејќи со часови треба да се прават репетитивни движења. Убавината на физичкиот процес лежи во тоа што колку и да има умор од работата, поради репетитивноста на движењата се појавува и медитативен процес, што одмара – вели авторката.

Основните материјали што се употребени во изработката на делата се тврдо компресиран медијапан, кој е поминат со црна акрилна боја, потоа различни димензии на клинци, а на некои дела се употребени и конец и стакла.

Насловот на изложбата „Натура“ се однесува на природата, но и на човековиот карактер.

– Пораката на делата е дека сите информации што ги добиваме од природата ги пренесувам со ритамот на редењето на клинците, а потоа останува на гледачот истите да ги восприеми на свој начин и да одлучи дали понатаму би сакал да се развива врз основа на информациите од природата, или, пак, само врз основа на информациите од непосредната околина. Мислам дека кога би ги земале предвид информациите од природата, тогаш многу подобро би се справиле со сѐ што се случува околу нас – истакна Забазноска.

Изложбата „Натура“ во галеријата на Младинскиот културен центар ќе биде поставена до 2 јули, а при посетата на галеријата посетителите цело време ќе треба да се придржуваат до протоколот за заштита од коронавирусот, односно во галеријата во исто време ќе може да бидат присутни само двајца гледачи.

Фотографии: Драган Митрески

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот