Излезе нов број на периодичното списание за литература, уметност и култура „Стремеж“

Новиот број на списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“ број 1 за 2021 година тематски е посветен на одбележувањето на 100-годишнината од раѓањето на великаните Блаже Конески и Коле Чашуле. Во рубриката „Разговор со Конески“ објавени се прегледи, студии, осврти и сеќавања на творештвото и ликот на Конески од авторите Катица Ќулавкова, Санде Стојчевски, Димитар Пандев/Марија Пандева, Миле Спирковски, Игор Поп Трајков и Снежана Каратошеска.

Застапена е и поезија и проза на повеќе автори, кои со почетните текстови се обраќаат на Конески и неговото дело: Христо Петрески, Филиз Мехметоглу, Весна Ацевска, Љубица Трајкоска, Мирјана Недева и Тања Аждаја.

Во рубриката „Дијалози со Чашуле“ читателите можат да го прочитаат првпат и постхумно објавениот расказ на Коле Чашуле „Незабошотеното кафе“, како и анализи и записи за неговото драмско творештво од авторите Ацо Гогов, Ана Стојаноска, Иво Митев-Жиле и Каролина Мицевска, како и книжевни текстови инспирирани од неговиот лик и дело на Сузана Ѓорѓиевска и Сашо Димоски. Рубриката „Поезија“ го претставува поетскиот циклус „Поле на волшепства“ на поетот академик Влада Урошевиќ, додека во рубриката „Златен венец на СВП“ застапена е поезија на поетесата Керол Ен Дафи.

Рубриката „Препеви, преводи“ донесува прва објава на македонски јазик на поезијата на турскиот поет Метин Елоглу во препев на Филиз Мехметоглу, а исто така и песни од новиот италијански глас, младиот поет Џерардо Масучо препеани од Наташа Сарџоска. Во рубриката „Критики, есеи, студии“ објавен е есејот „Силјан Штркот како втемелувачки национален наратив“ на Елизабета Шелева.

Списанието „Стремеж“ го издава Центарот за култура „Марко Цепенков“ од Прилеп со поддршка на Министерството за култура.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 91, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 31 јули – 2 август 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот