Излезе јубилејниот 90. број на Списание за уметност – СУМ

Центарот за културна иницијатива – Штип го објави јубилејниот 90-ти број на Списанието за уметност – СУМ. Истовремено се навршуваат и 30 години од првиот број на СУМ, кој бил посветен на Ацо Шопов.

Главен и одговорен уредник на списанието е писателот Трајче Кацаров, а јубилејниот број го уредуваат Мишел Павловски и Александар Прокопиев. Излегувањето на СУМ е поддржано од Министерството за култура на РСМ. Тежината на 30-годишното опстојување на списанието најдобро ја знае Трајче Кацаров.

– Триесет години Списание за уметност – СУМ, како што во една прилика рече академик Гане Тодоровски, значи триесет години војникување во културниот простор. Триесет години СУМ, значи, око да не склопиш пред домашната и светската книжевна, театарска, ликовна и музичка стварност. Триесет години, триесет по три пати поклон пред делата на врвните мајстори на трајните вредности. Триесет години да го слушаш гласот на демијурзите, кои и за грешките говорат дека се нивни, е огромна одговорност. За сите овие години сакал – не сакал, бев одговорен и за дното и за апогејот на СУМ. Да се живи и здрави сите оние кои му инјектираа и оние кои сѐ уште му инјектираат кислород во дишните патишта на списанието, кое го носи името СУМ, не оти е акроним на Списание за уметност, туку од последното зборче на сентенцата kogito ergo sum, значи постојам. Кога своевремено го прашав академик Гане Тодоровски, ќе сака ли да каже нешто за списанието СУМ, кратко и јасно рече: Бев СУМ, СУМ и ќе СУМ – открива Кацаров.

Тематскиот фокус на јубилејниот 90-ти број на СУМ е ставен на националната драма и потребата од неа.

– Свртувањето на СУМ кон театарот не е конечно. Театарот кај нас е најмалку третиран од страната на оние кои во него доаѓаат однадвор: критичарите, театролозите, драматичарите, па затоа, секогаш кога ќе ми се укаже прилика за тоа, содржината ја составувам од прилози кои се допираат до театарската уметност – објасни Кацаров.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 185, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 1-2.7.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот