Издавачот „Полица“ ќе ја промовира збирката есеи „Моќта на делото“ од Санде Стојчевски
Промоцијата на збирката есеи, критички текстови и разговори од нашиот поет и книжевен деец Санде Стојчевски ќе се одржи на 11 декември 2024 година, во 12 часот, во Градската библиотека „Браќа Миладиновски“ во Скопје, а промотори ќе бидат Веле Смилевски и Иван Антоновски.
– За книжевноста треба да се пишува, за книжевноста треба да се зборува. Токму тоа го прави Санде Стојчевски во својата нова книга во издание на „Полица“. Во неа, на едно место се сместени критичките осврти што тој ги има пишувано изминатите години, а кои се однесуваат на поетски дела на Чедо Јакимовски, Ристо Василевски, Ристо Лазаров, Славе Ѓорго Димоски, Славчо Ковилоски, Елена Пренџова, Стефан Марковски и Павлина Атанасова; проза на Митко Маџунков, Билјана Станковска, Душан Стојковиќ или на научната студија на Иван Антоновски – истакнуваат од „Полица“.
На критичките осврти им претходат два есеја за моќта на песната, а во третиот дел од книгата се сместени разговорите, односно интервјуата што низ годините со Стојчевски ги правеле бројни новинари, пренесувани на бројни медиуми.