Арабати Баба Теќе / Фото: Ralf Von Lienen / Google Maps

ИВЗ прогласи дека го купила Теќето во Тетово, бектешите затечени велат: Ништо не сме продале

Поглаварот на Исламската верска заедница (ИВЗ), Шаќир ефенди Фетаи, вчера покажа имотен лист за Арабати Баба Теќето во Тетово и тврдеше дека ИВЗ го купила верскиот и културен споменик од 16 век, јави „СДК.мк“. Теќето е изградено и во поголемиот дел од својата историја било во сопственост на бектешкиот суфиски ред, кој е вкоренет во исламските учења, но не е дел од традиционалниот ислам.

На имотниот лист пишува дека ИВЗ го добила Теќето преку купопродажен договор заверен на нотар на 10 февруари. ИВЗ за ова објави на Фејсбук, но не откри кој бил продавачот на комплексот кој и денес активно служи за верски обреди.

Фото: ИВЗ / Фејсбук

„Со овој чин, се решава имотно-правниот контекст во корист на ИВЗ, прашање од особено значење за институцијата и за зачувување на нејзиниот имот. Оваа информација е важен и историски чекор за ИВЗ, муфтијата на Тетово, верските службеници и верниците“, се вели во дел од објавата на ИВЗ.

Наспроти актуелните тврдења на ИВЗ дека го купила објектот, претставници на Бектешката заедница велат дека ништо не продале.

„Ние ништо не сме нуделе и ништо не сме продавале. Овој објект отсекогаш бил сопственост на бектешите“, изјави за „СДК:мк“ Арбен Сулејмани, лидерот на Бектешката заедница.

Арабати Баба Теќето е изградено од Бектешката заедница во 1538 година, a посебно е турбулентна неговата понова историја. По Втората светска војна, Теќето било национализирано и со него со децении управуваше текстилниот комбинат „Тетекс“, кој отвори познат ресторан во верскиот комплекс. Во 1991 година, припадници на бектешкиот ред и свештеници на Бектешката заедница од Албанија и од Македонија го побараа назад комплексот и организираа протестен собир, одбивајќи да го напуштат Теќето. Тие подоцна повторно се вселија во дел од објектите во кои се и денес.

Од воениот конфликт во 2001 година и претходно, ИВЗ активно се обидуваше да го земе Теќето, а таа година нејзини членови вооружени со калашникови упаднаа во комплексот и насила зазедоа дел од него. ИВЗ потоа го претвори објектот на некогашната трпезарија во џамија, а нејиниот оџак во минаре. Жители на населбите околу блиските муслимански гробишта пред петнаесетина години пред новинарите сведочеа дека биле принудувани да одат во новоотворениот „храм“ во Теќето, во кое никогаш во речиси петвековната историја – немало џамија.

Бекташизмот е основан во 13-от век и ова верско движење е засновано на исламот, но вклучува и елементи од повеќе други религии. Според проценките кои се наоѓаат во документи на интернет, во светот има помеѓу 7 и 20 милиони бектеши, а само во Турција, според некои податоци, има помеѓу 6 и 12 милиони. На Балканот, бектешите се значајна верска и културна група во Албанија, каде бројат повеќе од 100.000 припадници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот