Итрите тактики на неаполската мафија

Неапол, Италија / Фото: Jacek Sopotnicki / Alamy / Alamy / Profimedia

Мафијашите од Неапол почнаа да купуваат ресторани, барови и хотели во обид да ги прикријат своите криминали од полицијата

Неаполската мафија Камора најде нов начин како да го продолжи бизнисот со криминалот, а да не е толку очигледно пред полицијата. Преку отворање мали бизниси, како барови, ресторани и апартмани за краток престој, криминалците итро ги кријат своите матни планови.

Низ годините, криминалите на улиците на Неапол доживеаја неколку промени, што е вистинска главоболка за полицијата што постојано ги лови членовите на оваа мафија.

Полицијата во изминативе години имаше неколку успеси на ова поле. Повеќето од повозрасните шефови на мафиите починаа, а некои други се зад решетки. Најголемиот нивен успех стигна на 29 март, кога еден од најмоќните лидери, Франческо Скјавоне, познат како Сандокан, реши да соработува со властите и стана сведок за криминалите на мафијата. Но, и покрај полициските успеси, во Неапол, заедно со блискиот град Казерта, мафијата сè уште има големо влијание.

Роза Волпе, главната обвинителка за борба против мафијата, предупредува дека „организираниот криминал во Неапол не се намалил, туку еволуирал“.

Според полициските истраги, има 46 банди во самиот град и уште 24 други во околните места. Некои од нив имаат огромен профит, главно, од продажба на кокаин. Најголемата заработка што мафијата Камора ја забележала на годишно ниво била 3,3 милијарди евра во 2014 година. Она што е највпечатливо е тоа што индивидуалците што тргуваат со дрога, стануваат сè побогати.

Еден од членовите на мафијата, Рафаел Империјале, кој поседувал две украдени слики на Ван Гог на својот имот во Дубаи кога бил уапсен во 2021 година, полицијата разбрала дека потрошил седум милиони евра во првите четири месеци од таа година.

Обвинителката Волпе ја дели мафијата на Камора во три категории. Првата категорија се оние што ги контролираат областите во градот кои своите пари ги заработуваат преку изнуда, продавање дрога и слични криминални активности. Бројот на вакви криминалци се намалил во последниве години како резултат на затворањето на нивните наркобосови.
Втората категорија се „младите банди“, млади улични криминалци, во многу случаи и синови на уапсени мафијашки шефови.

Третата група се оние криминалци што избегнале апсења и кои се фокусираат на инвестирање и перење пари во бизнисот со дрога. Многу од нив живеат надвор од Италија.
Властите во градот создадоа специјален тим што ќе ги следи ваквите случаи. Но фактот што мафијашите ги променија своите тактики, односно се фокусираа на малите бизниси низ градот, им создаде нови проблеми на полицајците.

– Ако купите еден хотел и ви го запленат, тогаш губите сè. Но, ако купите десет бара и два ви запленат, ќе ви останат осум – објаснува Волпе.

Ова, исто така, може да ја објасни промената што се случува на улиците во централен Неапол. Уличниот криминал е лош за бизнисите, а во бизнисите сè повеќе се присутни членовите на Камора.

Таков е случајот со еден ресторан во Квартиери Спањоли. Туристите постојано пријавуваат дека им се крадат нивните предмети од џебовите и од ранците, што директно може да се поврзе со бизнисот на „младите банди“.

Во 2023 година имало десет престрелки меѓу ривалски банди, споредено со 34 во 2013 година. Обидите за убиства, припишани на мафијата Камора, се намалија во истиот период од 17 на само четири. Ваквите бројки ѝ се препишуваат на неуморната работа на неаполската полиција, која сега се обидува да ги открие новите мафијашки тактики.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот