Италијанската влада поделена околу забраната за пушење цигари на терасите на баровите

Италија бар / Фото EPA-EFE/RODRIGO JIMENEZ

Предлозите на италијанскиот министер за здравство за продолжување на забраната за пушење на терасите на баровите и кафулињата, како и во парковите ги налутија десничарските колеги во владата.

Министерот Орацио Шилачи, независен политичар, во јануари вети дека ќе се бори против пушењето, вклучително и електронските цигари, кои нашироко ги користат тинејџерите.

Новите прописи ќе ги опфатат терасите на баровите, кафулињата и станиците за јавен превоз. Забраната ќе се прошири и на парковите во кои престојуваат бремени жени и деца.

Министерот за култура Виторио Сгарби ги нарече идеите на Шилачи „страшни“ и рече дека таквите забрани ќе ги поттикнат луѓето да пушат уште повеќе.

„Тоа е нешто типично за авторитарен и диктаторски комунистички режим“, изјави Сгарби за новинската агенција „АднКронос“.

Главниот италијански здравствен институт (ИСС) објави дека околу 24 отсто од возрасните Италијанци пушеле минатата година, што е околу 12,4 милиони луѓе и највисок процент регистриран од 2009 година.

Во 2003 година, владата донесе забрана за пушење во затворени простории, која стапи на сила две години подоцна.

Здравственото здружение Фондационе Умберто Веронези проценува дека најмалку 43.000 луѓе годишно умираат во Италија од причини поврзани со пушењето.

Предложеното ограничување, исто така, се соочува со скептицизам од вицепремиерот и лидер на Лигата, Матео Салвини, кој се откажал од пушењето пред четири години, но рече дека забраната за е-цигари на отворено е „прекумерна“.

„Електронските цигари им помагаат на многу луѓе да се откажат од обичните цигари“, напиша тој на Твитер.

Предлозите ќе треба да бидат одобрени од владата пред да бидат проследени до парламентот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот