Истражување на ЕПИ: Поголемо вклучување на јавноста во дијалогот за промена на изборниот модел

Фото: YouTube/Screenshot

Поголемо вклучување на јавноста во дијалогот за промена на изборниот модел, поддршка за една изборна единица на целата територија на земјата со утврден праг на минимален број гласови за партиите да освојат едно пратеничко место, отворени листи и изборен систем  што придонесува кон намалување на партиската централизираност и моќта на партиските лидери и што ќе ги поттикнува пратениците да бидат поодговорни, со што ќе се зајакне отчетноста и квалитетот на законодавната власт, се дел од заклучоците од Националната дебатна анкета за изборниот систем и реформите во изборниот процес во Северна Македонија на Институтот за европска политика – Скопје (ЕПИ).

-Граѓаните очекуваат дека јавноста треба да биде вклучена во дискусиите на промена на изборниот систем, за проценка на тековниот систем, изјави Симонида Кацарска од ЕПИ, која истакна дека од анкетата произлегува дека граѓаните не поддржуваат промени во изборните реформи пред избори на предлог на политичките партии. Меѓу очекувањата на граѓаните е можноста за воведување на онлајн гласање, но и поголема родова застапеност.

Постојат очекувања дека ќе има промена иако веројатно за неа, според Кацарска, се уште нема дефинирани јасни ставови и позиции. Свесни сме, вели таа, дека има недоверба во институциите и дека е потребно посуштествено вклучување на јавноста.

Во општите препораки содржани во извештајот во контекст на јавноста се посочува дека Министерството за правда, како креатор на политики во оваа област, треба редовно да ја вклучува пошироката јавност во дијалогот за политики за изборни реформи, додека Државната изборна комисија треба да се погрижи за подготовка и дисеминација на материјали наменети за едукација на гласачите во однос на сите (евентуално усвоени) изборни реформи, вклучително бројот на изборни единици, отворените листи и регистрацијата на гласачите. ДИК, како што додаде во изјавата Кацарска, треба редовно да ги едуцира граѓаните.

Доколку има промени во бројот на изборните единици, во препораките се наведува дека државните институции треба да се погрижат граѓаните да бидат соодветно информирани за тоа што значи воведувањето една изборна единица, кои се нејзините предности и недостатоци, и како таа ќе влијае врз гласачите.

Ако се воведат отворени кандадатски листи за пратеници, како што се посочува, државните институции треба да подготват и масовно да промовираат детални информации за избраниот вид отворени листи.

-Партиските лидери треба да ја искористат можноста да ги промовираат отворените листи во рамки на својата партија и да поттикнат здрава конкуренција меѓу потенцијалните кандидати со цел да се ублажат внатрепартиските конфликти. ДИК треба навремено да подготви и да им обезбеди на граѓаните едукативни материјали за гласање со отворени листи, за да се ублажат ризиците од неважечки ливчиња поради неправилно гласање на избирачите кои не биле правилно информирани за тоа како да ги изразат своите преференции на гласачко ливче со отворена листа.

Во однос на потенцијалните реформи на гласање во странство државните институции може да ја разгледаат можноста за отворање дебата за бројот на пратеници што се избираат со гласање во странство.

Во извештајот од овој проект на ЕПИ се препорачува исто така за да се избегне високо ниво на недоверба во електронскиот систем за активна регистрација на гласачи, релевантните институции треба да ѝ обезбедат информации на јавноста за тоа како функционира системот што се користи, кој има
надзор над него и кои се придобивките од активна регистрација, и на краток, и на долг рок.

– Државните институции треба да предвидат и да воспостават посебни механизми за спречување на злоупотреба и неправилно користење на потенцијалниот електронски систем за активна регистрација на гласачи од страна на политичките партии. Државните институции треба да го осмислат системот за активна регистрација на гласачи на начин што тој ќе биде инклузивен и недискриминирачки кон ниту една демографска група, особено кон лицата со попреченост. ДИК треба да подготви и да спроведе суштински и сеопфатни кампањи за едукација на гласачите со релевантни и детални информации за тоа како да се регистрираат за гласање, се посочува во препораката.

ЕПИ денеска ги презентираше финалните компаративни резултати од основната анкета спроведена во мај 2022 година и од финалната анкета спроведена по Дебатниот настан одржан на 4 и 5 јуни 2022 година, како и краткиот документ за јавни политики. Истражувањето беше спроведено во рамки на проектот „АКТ – Активна граѓанска иницијатива” поддржан од National Endowment for Democracy.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот