Истражување: Транспарентноста на државните претпријатијата во 2020 година зголемена, но сѐ уште на ниско ниво

Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) денеска го објави истражувањето „Транспарентност и отчетност на претпријатијата во државна сопственост за 2020 година”.

Во истражувањето се посочува дека просечното ниво на транспарентност и отчетност на претпријатијата во државна сопственост, што подразбира исполнување на законските обврски и добрите стандарди, изнесува 41 отсто од можни 100 проценти.

Истражувањето на ЦГК покажува дека транспарентноста и отчетноста на претпријатијата бележи напредок во однос на 2018 година кога изнесуваше 28 проценти.

-Во последните две години, поголем напредок во транспарентноста имаат претпријатијата основани од општините од оние основани од Владата. Општинските јавни претпријатија имаат просечен раст на транспарентноста од 27 отсто во 2018 година на 43 отсто во 2020 година, а претпријатијата на Владата, пак, имаат раст од 31 процент на 39 отсто. Ова ја доведува во прашање доследноста на примената на Стратегијата за транспарентност на Владата на РСМ (2019 – 2021 год.), стои во истражувањето.

Се наведува дека се исполнети услови за разрешување на 15 директори на јавни претпријатија. Имено, Законот за јавни претпријатија (член 24-а) предвидува разрешување на директорот на претпријатието за ненавремено објавување на веб-страницата на претпријатието на тримесечните финансиски извештаи за тековната година, како и на годишната сметка и извештајот за претходната гoдина.

-На врвот на ранг-листата, со највисоко ниво на исполнување на обврските – 82 отсто, повторно се наоѓа Јавното претпријатие за државни патишта, а на дното повторно е АД Градски трговски центар со 16 отсто исполнување. Една третина од претпријатија не ги објавуваат ниту имињата на членовите на управните и надзорните одбори. Додека пак објавувањето на биографиите на членовите на овие управувачки органи е практика само на 13 проценти од претпријатијата, се вели во истражувањето.

Истражувањето покажало дека ниту едно претпријатие не објавува информации за одржаните седници на управните одбори.

Оперативен извештај за работењето во претходната година објавиле само 43 отсто од претпријатијата, а финансиски отчет е објавен од страна на 57 отсто од претпријатијата.

-Само една третина од претпријатијата го објавиле ревизорскиот извештај за 2019 година, што во согласност со законските обврски морале да го имаат, и го доставиле до Централниот регистар до 30 јуни, стои во истражувањето.

Целосното истражување е достапно на opendata.mk. Спроведено е во рамки на проектот „Засилување на интегритетот и намалување на корупцијата во државниот и во приватниот бизнис-сектор”, финансиран од Европската Унија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот