Истрагата за сообраќајката во која загина Викторија Николова заврши за 12 дена, адвокатот на возачот вели дека е нецелосна

викторија николова протест
Положени цвеќиња во сеќавање на младата Викторија/ Фото Слободен печат/ Марина Дамчевска

За дванаесет дена заврши истрагата за трагичната сообраќајка на крстосницата пред „Сити мол“, каде загина 24-годишната радовишанка Викторија Николова, а повредено беше нејзиното момче Леонид Даов, објави „А1он“.

Периодот од 20 јануари кога се случи сообраќајката до 2 февруари, кога според адвокатот на возачот е архивирано барањето, бил доволен да се соберат сите докази. Адвокатот на возачот, Душко Јанковиќ, во изјава за порталот тврди дека иако формално е завршена, истрагата не е целосна.

Возачот на автомобилот кој на пешачки премин удри во девојката, Јордан Ѓ., е во притвор поради опасност од бегство и влијание врз сведоци.

Од Обвинителството не одговараат дали се завршени и сите распити со сведоци, обвинетиот, како и со неговата придружба во автомобилот.

„А1он“ дознава дека е завршено сообраќајното вештачење, кое треба да даде информации за тоа како настанала несреќата и со која брзина Јордан удрил во Викторија.

„Истражната постапка е во завршна фаза, односно обвинителот заврши со преземање на истражните дејствија и сега тече законскиот рок во кој одбраната и осомничениот имаат право да извршат увид во доказите и да предложат преземање дополнителни дејствија. Веднаш штом ќе биде донесена конечна јавнобвинителска одлука, јавноста ќе биде известена за утврдените факти во истрагата“, велат од Обвинителството.

Според адвокатот Јанковиќ, ова е чувствителен предмет и тој смета дека периодот од 12 дена е прекраток и дека истрагата е некомплетна.

Сообраќајката ја потресе македонската јавност, а неколку дена по неа, на местото на несреќата беше организиран протестен собир против сообраќајното насилство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот