Историски успех за македонските ученици — тимот „Осетра“ од скопското училиште „Дане Крапчев“ е втор во светот на „Првата Лего лига“
Учениците од основното училиште „Дане Крапчев“ од скопската населба Ченто постигнаа историски успех освојувајќи го второто место во светот на престижниот меѓународен натпревар „Прва Лего лига“ (FIRST LEGO League), во категоријата роботска игра.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Тимот „Осетра“ ја претставуваше Македонија во конкуренција на екипи од 55 држави и повеќе од 1.000 ученици од целиот свет, а со освоени 525 бода успеа да се искачи на самиот светски врв и да го освои второто место.
Овој резултат е плод на седуммесечна посветена работа, бројни подготовки, тестирања и постојани усовршувања. Учениците, заедно со своите ментори и родители, поминале низ долг и предизвикувачки процес за да стигнат до финалето и да се натпреваруваат со најдобрите тимови во светот.
„Зад овие седум месеци подготовки стојат огромен труд, дисциплина, многу часови работа, учење, тестирања и постојани подобрувања. Децата се откажуваа од слободното време, викендите и одморите за да работат на проектите и роботиката. Но, нивната посветеност, тимската работа и желбата за успех покажаа дека со упорност и љубов кон науката сè е можно“, изјави родител на еден од учениците за „Слободен печат“.
Посебни пофалби, како што додаваат од тимот, заслужуваат менторките Марина Пејковска, Билјана Стојановска, Лиле Сарваноска и Данче Костовска-Јакимовска, чиј труд и посветеност биле клучни за остварувањето на успехот.
„Директорката на училиштето, м-р Адријана Младеновска, со целосна поддршка и посебно внимание беше вклучена во текот на целата подготовка и реализација на проектот и патувањето. И Општина Гази Баба даде финансиска и севкупна поддршка. Голема благодарност и до сите родители и пријатели на тимот ‘Осетра’“, додава родителот.
Од училиштето велат дека овој успех е доказ дека македонските ученици, кога имаат поддршка, знаење и мотивација, можат рамноправно да се натпреваруваат со најдобрите во светот и да бидат вистинска инспирација за идните генерации.


