Историја се пишува на Ролан Гарос: Зиданшек и Пављученкова дебитираат во полуфиналето
Денеска на грен слем турнирот во Париз успешни во четвртфиналната фаза во женска конкуренција беа Тамара Зиданшек и Анастасија Пављученкова.
Тие покажаа на „Ролан Гарос“ дека го играат најдобриот тенис во кариерата, Зиданшек од Словенија со резултат 2:1 во сетови 7:5, 4:6 и 8:6 за два и пол часа игра ја елиминираше Пауло Бадоса Гиберт (Шпанија).
Нејзина противничка во борбата за пласман во големото финале ќе биде Русинката Анастасија Пављученкова која исто така за два и пол часа на теренот со 2:1 (6:7, 6:2, 9:7) ја совлада Елена Рибакина од Казахстан.
Пављученкова најдалеку досега на грен слем турнирите стигнуваше до четвртфиналето, додека Зиданшек најдалеку стигнуваше до второто коло.
В среда ќе ја дознаеме и втората полуфинална двојка по одигрувањето на дуелите: Кори Гоф (САД) – Барбора Крејчикова (Чешка) и Марија Сакари (Грција) – Ига Швјонтек (Полска).