Историчарот Ѓорѓиев поднесе оставка од мешовитата комисија за прашањата меѓу Македонија и Бугарија

проф. Ванчо Ѓоргиев / Фото: МИА

Професорот на Катедрата за историја на Филозофскиот факултет во Скопје и член на мешовитата комисија за разгледување на културните прашања со Бугарија, Ванчо Ѓорѓиев денеска поднесе оставка од комисијата, а по тој повод се огласи со соопштение во кое ја образложува таквата одлука.

Соопштението го пренесуваме во целост.

Раководејќи се од професионалниот интегритет и личните принципи, ја известувам македонската јавност дека од денес, 22.10.2021 година, ја напуштам работата во Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Република Македонија и Република Бугарија. Одлуката е мотивирана од следниве околности:

1. Во последно време имаше отворени обиди за политичко влијание врз работата на Комисијата што кулминираше во текот на првиот работен ден  (21.10.2021 година) на  XV редовна средба преку директно мешање во стручната работа од страна на висок функционер во МНР;

2. При такви околности, под влијание на двојното водство во македонскиот дел од Комисијата, се отстапи од утврдените принципи за консензуално носење одлуки по сите прашања; при што не беше испочитувано договореното на координативниот состанок од 20.10.2021 година;

3. Нагласувам дека изготвените и разменети предлог-идеи, донесени и разменети во текот на вчерашниот ден од страна на македонскиот дел од Комисијата за препораки за учебниците за VII одделение за македонските учебници, се без моја согласност;

4. Демонстрираните ставови на последната средба од страна на другите членови на македонскиот дел од Комисијата, не само што се во спротивност со Резолуцијата усвоена на 29.07.2021 година од македонското Собрание, со која се утврдуваат црвените линии во преговорите меѓу Република Македонија и Република Бугарија, туку и со македонските национални интереси;

5. Ги охрабрувам членовите на Комисијата кои повремено споделувале со мене слични ставови и вредности, да не ја „виткаат кичмата“, вели Ѓорѓиев во соопштението.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот