Историчарите со мали поместувања напред, но засега без договор за Гоце Делчев, Заев верува во решение преку взаемно почитување

 По два дена разговори во Скопје македонските и бугарските историчари не постигнаа напредок во однос на Гоце Делчев, кој и понатаму останува пречка на сопнување. Има нови предлози и идеи за кои засега не се откриваат детали, но се најавува нова средба во Софија до крајот на годинава.

Копретседателите на Мешовитата комисија за историски и образовни прашања меѓу двете држави Драги Ѓоргиев и Ангел Димитров вчера попладне изјавија дека процесот на разговори продолжува и понатаму.

– Има мали поместувања кон напред и за мене тоа е важно во моментов. Процесот на разговори продолжува и понатаму, со сите тешкотии и сите чувствителни теми кои се на маса. Молам за трпение и поголема емпатија и кон нас и кон колегите од Бугарија, за да можат прашањата да бидат дискутирани со што помалку емоции и тензии. Само на тој начин можат да се надминат работите, изјави Ѓоргиев.

Неговиот бугарски колега за средбата рече дека била како времето – „сиво и облачно, со малку дожд и одвреме-навреме кратко сонце”.

За идентитетот на Гоце Делчев, Ангелов рече дека Делчев самиот си го определил. – Тој е таков, каков што е. Тој е таков какво што е неговото семејство, средината во која е формиран како личност. Тоа е идентитетот, вели Димитров.

Прочитајте и...  Бибер: Ако има блокада од земја членка за Северна Македонија ова ќе биде силен удар за процесот на ЕУ интеграција

На средбата не станало збор за појаснувачкиот меморандумот што Бугарија го достави до земјите-членки на ЕУ, ниту за македонскиот јазик и идентитет, а мал напредок е постигнат во делот на учебниците за средновековието. Во однос на Свети Кирил и Методиј е постигната согласност дека се сесловенски и христијански просветители.

Според Ѓоргиев, контрапродуктивно е ставањето на Комисијата на врвот на Договорот за добрососедство и пријателство бидејќи во него има уште многу други членови што треба да се исполнат, а неговиот бугарски колега Димитров смета дека никој не може да им дава рокови, дури ни политичарите, бидејќи водат научна дискусија со цел да бидат конкретни кон историските факти и документација.

И додека историчарите бараат заедничко решение, политичарите со свои размислувања и ставови.

Македонските власти се надеваат дека во декември ќе се одржи првата Меѓувладина конференција со ЕУ, која Бугарија ја условува со конкретни резултати од работата на Комисијата и со признавање на Гоце Делчев за етнички Бугарин. Бугарската страна останува и на своите ставови дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот, како и дека македонската нација е Титова творба.

Македонските власти уверуваат дека интензивно се работи на проблемот со Бугарија и оти е интензивирана комуникцијата со цел да се надминат недоразбирањата. Неодржувањето на меѓувладината конференција, според македонските власти, би значело неуспех не само за земјава, туку и за Бугарија и за германското претседателство со унијата.

Прочитајте и...  МВР поведе постапка за полицаецот кој не реагирал на пријава за насилство во случајот со фемицид во Гостивар

Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека верува оти со взаемно разбирање и почитување ќе се изнајдат решенија. Тој, како што рече, не размислува за план „Б” доколку во декември не се одржи првата меѓувладина конференција со ЕУ

Заев смета дека има доволно време да се разгледаат сите отворени политички прашања со цел да продолжат процесите на евроинтрегација на земјава со одржувањето на првата Меѓувладина конференција со ЕУ во декември.

Неговиот бугарски колега Борко Борисов вчера на социјалните мрежи напиша дека заедно со германската канцеларка Ангела Меркел ги поддржуваат земјите од Западен Балкан на патот кон ЕУ.

– Бугарија активно ќе продолжи да работи во таа насока за време на нашето заедничко претседавање со Република Северна Македонија во Берлинскиот процес. Ги ценам напорите на германското претседателство со Советот на ЕУ за изнаоѓање најсоодветни решенија за заштита на здравјето на сите европски граѓани, како и на економскиот живот, наведе Борисов на својот фејсбук-профил.

За разлика од него, бугарскиот претседател Румен Радев вчера порача дека не може да се прават компромиси со историјата и со јазикот.

Прочитајте и...  Борел со охрабрување до Заев: Продолжете со исполнување на ЕУ реформите

– Членовите на Бугарско-македонската комисија се професионалци, тие ќе ја бараат и бранат, како и досега, историската вистина и бугарскиот национален интерес. Мојата порака до нив е дека политичарите не можат да абдицираат од овој важен процес за Бугарија и за Македонија и ЕУ. Крајно време е да се најде политичко решение што ќе ги потврди сите принципи на почитување на историјата и добрососедството и почитување на нашиот идентитет и јазик, рече Радев.

Премиерот Заев кој на почетокот на ноември заминува за Софија во рамки на македонско-бугарското ко-претседавање со Берлинскиот процес 2020, каде ќе има средба со неговиот бугарски колега Борисов, на која се очекува да се постигне одредено приближување на позициите.

– Сакам да ја посетам Бугарија и не го кријам тоа што е моја желба, првата моја официјална посета од соседните земји да биде Република Бугарија заради пријателството, заради тоа што првиот мандат почна така и верувам дека големи успеси на државата се прокнижија во целиот овој период и верувам дека тоа ќе се случи, потенцира Заев, кој нагласува дека кога ќе има излезни решенија со Бугарија веднаш ќе бидат соопштени.

Поврзани вести

„Ла Кроа”: Софија би можела да истрае во блокирањето на Северна Македонија, но делумно и блефира

Слободен печат

Изречени 915 казни за неносење маски

Слободен печат

ВМРО-ДПМНЕ: На денот на ВМРО протестираме со автомобили во Скопје и во Штип

Слободен печат

Штедете на политикантство, не на стопанство

Соња Кириџиевска

Со положување цвеќе пред споменикот на Гоце Делчев одбележан 23 Октомври

Слободен печат

МВР поведе постапка за полицаецот кој не реагирал на пријава за насилство во случајот со фемицид во Гостивар

Слободен печат

Остави Коментар