Историчарите од регионот обединети во поддршката за Македонија: Наметнувањето на „историските вистини“ е неприфатливо и опасно

Колаж: „Слободен печат“

Создавањето на македонската нација не се разликува од начините на кои настанале сите други нации, а правото на самоопределување е основно човеково право, сметаат историчарите кои ја потпишаа Декларацијата „Да ја одбраниме историјата“.

Угледни историчари и професори од регионот се обединуваат против злоупотребата на историјата со која Владата на Република Бугарија ги блокираше преговорите меѓу Брисел и Скопје и ја попречи интеграцијата на Македонија  во ЕУ. Групата историчари од постјугословенските земји иницираше потпишување на Декларација „Да ја одбраниме историјата“ и испрати протест, кој го пренесуваме во целост.

Протест против злоупотребата на историјата во процесот на европските интеграции на Северна Македонија

Судирите околу историјата и историските симболи одново се важна политичка тема во Југоисточна Европа. Последните месеци владата на Република Бугарија се заканува со блокада на преговорите меѓу Брисел и Скопје, барајќи од Северна Македонија да ја прифати „историската вистина“ дека македонскиот идентитет и јазик имаат бугарски корени и дека македонската нација ја создале Тито и Коминтерната.

Тргнувајќи од ставовите изразени во Декларацијата „Да ја одбраниме историјата“ ние потписниците на ова писмо изразуваме протест и осуда на овој случај на историски ревизионизам и злоупотреба на историјата во политички цели.

Сметаме дека таквиот пристап е опасен не само за историајта како хуманистичка дисциплина, туку и за демократијата и просперитетот на регионите, но и на самата Европска Унија. Наметнувањето на „историските вистини“ е неприфатливо и опасно. Создавањето на македонската нација не се разликува од начините на кои настанале сите други нации, а правото на самоопределување е основно човеково право.

Затоа бараме од историчарите во Северна Македонија и Бугарија, но и во сите земји од регионот, да бидат професионални и да се спротивстват на злоупотребите на својата дисциплина. Од политичарите бараме да водат одговорни политики, да не ги поддржуваат историчарите кои поттикнуваат националистички конфликти и да не вршат притисоци кои доведеуваат до фалсификување на минатото.

Од европските институции и држави бараме да реагираат на злоупотребата на историјата, почитувајќи ги основните принципи на Европската унија кои овие денови на Балканот и во Европа се загрозени, како што се различноста, антифашизмот и демократијата. Европската унија е создадена како лек протв сите лоши искуства од минатото и затоа не дозволуваме со искривување на историјата да се уништуваат принципите на кои се темели идејата за обединета Европа.

Ние, потписниците на ова писмо им даваме поддршка на интелектуалците и историчарите во Северна Македонија и Бугарија отворено да се спротивстават на политичките притисоци и да се борат за заштита на својата професија и професионалните стандарди.

Само солидарни можеме да ги совладаме сериозните препреки кои стојат пред нас!“

Оваа петиција досега ја потпишаа следните професори по историски науки: 

Проф. д-р Дубравка Стојановиќ, Универзитет во Белград

Проф. д-р Хуснија Камберовиќ, Универзитет во Сараево

Проф. д-р Твртко Јаковима, Универзитет во Загреб

Проф. д-р  Боже Репе, Универзитет во Љубљана

Доц. д-р Сњежана Корен, Универзитет во Загреб

Доц. д-р Аднан Прекиќ, Универзитет на Црна Гора

Д-р Миливој Бешлин, Универзитет во Белград

Проф. д-р  Дамир Агичиќ, Универзитет во Загреб

Доц. д-р Момир Самарџиќ, Универзитет во Нови Сад

Д-р Олга Манојловиќ Пинтар, Институт за понова историја на Србија Белград

Проф. д-р  Хрвоје Класиќ, Универзитет во Загреб

Проф. д-р Радина Вучетиќ, Универзитет во Белград

Д-р Срѓан Милошевиќ, историчар, Белград

Д-р Александар Р. Милетиќ, историчар, Институт за понова историја на Србија, Центар за историски студии и дијалог, Белград

Вељко Станиќ, историчар, Белград

Петар Жарковиќ, историчар, Белград

Потписниците најавуваат дека протестот ќе биде испратен до Брисел и на други адреси.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот