Истечено е Одобрението за хидроцентралата на Блатешница, инвеститорот прави кривично дело ако продолжи да гради, вели градоначалникот Костадиновски
По протестите на жителите на село Блатец, градоначалникот на Виница, Митко Костадиновски, преку Фејсбук информираше дека Одобрението за градба за хидроцентралата на реката Блатешница е истечено.
Препорачано
Според Костадиновски, ако нешто се гради, тоа ќе се смета за дивоградба.
„Известен е инвеститорот дека Одобрението за градење на хидроцентралата, согласно член 68 став 1 од Законот за градење престанало да важи од 13 август 2025 година и доколку превземе градежни дејствија, истите ќе се сметаат за бесправна градба и претставуваат кривично дело“, соопшти тој.
Воедно, дополни Костадиновски, за истото го известил и Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини да има во предвид за понатамошно продолжување на договорот за концесија кој истекува наскоро.
Неколку стотици жители на виничкото село Блатец во петокот преку протестна блокада порачаа дека нема да дозволат на реката Блатешница да се изгради хидроцентралата, дадена под концесија од Владата на кочанската фирма „Енерџи Лукс“.
На блокадата дојдоа и стари луѓе, но и многу млади, кои застанаа рамо до рамо во, како што рекоа, „одбрана на нашето“.
„Масовно, сложно и достоинствено застанавме на барикадите против изградбата на хидроцентралата. Ова не е борба од инает, туку борба за вода, за природа и за иднината на нашите деца. Одлучни сме дека за Блатец не се преговара. Блатец не е на продажба. Добивме и силен ветер во грб. Градоначалникот на Општина Виница – Митко Костадиновски присуствуваше на протестот, застана со народот и ни даде јасна поддршка, како и уверување за институционална помош со цел што побрзо да се реши оваа ситуација. Ова е гласот на народот. Ова е одбрана на нашето“, посочија жителите на Блатец преку социјалните мрежи.
ВИДЕО | Жителите на Блатец на стража за Блатешница: Реката е живот, не дозволуваме хидроцентрала
Изминатите денови околу случајот со хидроцентралата се активираа и иницијатите „За чисто Блатец“ и „Зелена народна стража“, а беше отворена и петиција. Освен стопирање на изградбата на хидроцентралата, локалците бараат да се спроведе независна и целосна еколошка и хидролошка студија.
Исто така, институциите да гарантираат заштита на водоснабдувањето, да ја почитуваат волјата на жителите, како и да вложат во одржливи и еколошки прифатливи алтернативи.
Отворена е петиција против изградба на хидроцентрала на реката Блатешница
Од компанијата „Енерџи лукс“, пак, пред неколку денови соопштија дека проектот се реализира врз основа на важечка концесија и соодветна документација издадена од надлежните институции на Македонија, како и дека сите постапки се водат во рамки на законските процедури и еколошките стандарди.
Цевководот, како што посочија, нема да биде долг 3–4 километри, туку 1,9 километри, согласно проектната документација и издадените одобренија. Исто така, компанијата негира дека биодиверзитетот би се уништил. Според „Енерџи лукс“, по течението на реката постојат 5–6 долови и природни дотекувања кои го одржуваат природниот проток на водата и не се опфатени со цевководот, a како инвеститор се обврзале да обезбедат непречен пристап до вода пред зафатот, со што, како што рекоа, водоснабдувањето нема да биде загрозено.


