Исчезнаа млад битолчанец и девојка од Турција, дури по 67 лица МВР сѐ уште трага

Од први јануари 2010 година, па се до вчера на територијата на Македонија за исчезнати се пријавени 1.440 лица од различен пол и возраст. Пронајдени се 1.373 лица, а нема информација за 67 исчезнати по кои сѐ уште се трага.

Девојка од Турција и момче од Битола под неразјаснети околности исчезнаа во изминатите шест дена на територијата на земјава. За девојката, 20-годишната Зинур Дашдемири се знае дека туристички пристигнала во Скопје. Последен пат била видена пред пет дена и од тогаш и се губи секоја трага. Нејзините најблиски ги замолуваат граѓаните доколку знаат нешто за нејзиното исчезнување да ја известат полицијата или турската Амбасада во Скопје. Помош во потрагата за исчезнатиот млад битолчанец Николче Николовски молат неговите роднини, но и неговите пријатели.

– Луѓе наши ве молиме сите за помош, нашето другарче Николче Николовски, го нема од завчера попладне. Излезе од дома околу 15 часот на 13 мај, последно е виден кај бензиската пумпа „Макpетрол“ кај „Транскоп“, управувајжи „форд фиеста“ со регистерски ознаки. Ве молиме ако некој нешто дознае или пак знае, јавете се во било кое време на 070-360-520 – алармираат неговите пријатели на социјалните мрежи.

До денес за овие двајца исчезнати полицијата нема конкретно сознание како исчезнале. МВР исто така нема ни одговор за детето Петар Џобоски, кое неговиот татко во петокот 25 февруари годинава го пријави за исчезнато во атарот на селото Врбско, општина Прилеп. Потрагата по ова дете траеше со денови. Веднаш се преземаа мерки за негово пронаоѓање, а во потрагата се ангажираа 102 полициски службеници, хеликоптер, службени кучиња, како и дрон.

Во потрагата се вклучија и членови на Територијалната противпожарна единица Прилеп, членови на спасувачката служба „Златоврв”, ловното друштво „Мукос”-Прилеп, жители на околните села, како и граѓани доброволци од неколку градови, но безуспешно. Веќе трет месец нема трага од малиот Петар.

– Апелираме и до сите граѓани доколку имаат било каква информација која би помогнала за пронаоѓање на детето, да ја споделат веднаш со полицијата и да помогнат во потрагата, стои во апелот од МВР.

Во изминативе четири месеци мистериозно исчезнаа и Виолета Крстевска – Јаневска (1961) година од скопска Кисела Вода која била облечена во црн капут, тегет тренерки, тегет дуксер и црни чевли, како и Иванова Рада (1938) од скопското село Волково која носела џемпер вишна боја, плави тренерки, носи шамија на главата. Таа боледува од деменција, а се движела искривено со помош на штаки.

Скопјанецот Крсто Костовски, на возраст од 83-години исчезна на први септември 2020 година, а истата година исчезна и Марија Брзакова (29) од струмичкото село Босилово. Велешанката Ицана Арсоска (56 години) исчезна на 22 март пред осум години, а Ангел Стојанов (33 години) е исчезнат на седми март 2012 година.

Потрагата трае по малата Љунтурије Исени од скопско Трубарево. Ја нема повеќе од 10 години, а кога исчезнала имала само пет.

Субај Шакири од Крушопек, скопско, го нема од март 2002 година. Слична судбина имаат и Митат Ибраими, Дане Мемеди и Мирсада Хелдовиќ кои исчезнаа во 2010 година, а сè уште не се пронајдени. По нив сè уште се трага преку распишана меѓународна објава. Тие се исчезнати од местата каде што живееле. Ова се само неколку од низата имиња на наши сограѓани од различен пол, етникум и вероисповед за кои ниту најблиските, а ниту истражните органи не знаат каде се. Дел од нив биле видени од најблиските како излегуваат од дома, а дел не биле видени од никој дента кога исчезнале.

Во 2010 година најмистериозно исчезна шестгодишната Ангела Ѓорѓиоска од прилепското село Дуње. Дел од нејзините останки по извесен период беа најдени во атарот на селот Пештани, кое е на само неколку километри од Дуње. Малата Ангела исчезна во јули таа година откако од куќата на нејзините роднини во селото Дуње сама заминала кон дома. Трагата и се губи на половина пат. Никој и ден денес не дозна како исчезна ова дете.

Од први јануари 2010 година, па се до вчера на територијата на Македонија за исчезнати се пријавени 1.440 лица од различен пол и возраст. Пронајдени се 1.373 лица, а нема информација за 67 исчезнати по кои сѐ уште се трага. Како одминуваат месеците и годините, така до истражителите пристигнуваат се помалку информации или нечии сознанија за исчезнатите.

Репортажа на „Слободен печат“: Болката на Брзакови за исчезнатата Марија тежи над Босилово

Видео на денот