Исчезна авион во кој се возел потпретседателот на Малави

Саулос Чилима / Фото AMOS GUMULIRA / AFP / Profimedia

Авионот со потпретседателот на Малави, Саулос Чилима и уште деветмина исчезнал, се вели во соопштението од кабинетот на претседателот. Авионот на одбранбените сили на Малави „излета од радарот“ откако го напушти главниот град Лилонгве во понеделникот наутро, се додава. Авионот требал да слета на меѓународниот аеродром Мзузу, на северот на земјата, нешто по 10:00 часот по локално време, пишува Би-Би-Си.

Во говорот доцна во понеделникот, претседателот Лазарус Чаквера рече дека операцијата за пребарување и спасување продолжува.

„Војниците се уште се на терен и ја вршат потрагата и дадов строга наредба операцијата да продолжи се додека не се најде авионот. Знам дека сите сме исплашени и загрижени – и јас сум загрижен. Но, сакам да ве уверам дека не штедам достапни ресурси за да го пронајдам тој авион и се држам до секое влакно на надеж дека ќе најдеме преживеани“, рече тој, додавајќи дека станува збор за „потресна ситуација“.

Чаквера претходно го откажа летот за Бахамите, кој беше закажан за понеделник навечер. Причината за исчезнувањето на авионот сè уште не е позната, изјави генералот Валентино Фири. Мозес Кункују, министер за информации на Малави, изјави за Би-Би-Си дека напорите за пронаоѓање на авионот се „интензивни“.

Чилима беше на пат да ја претставува владата на погребот на поранешниот министер во владата Ралф Касамбара, кој почина пред три дена.

Во 2022 година, д-р Чилима беше уапсен и обвинет поради наводите дека прифатил пари во замена за доделување владини договори. Минатиот месец судот ги отфрли обвиненијата не наведувајќи ги причините за ваквата одлука.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот