Мохамад-Багер Галибаф / Фото скриншот Јутјуб

Ирански функционер со потсмев му порача на Трамп да „ужива“ во цените на нафтата

Претседателот на парламентот на Иран, Мохамад-Багер Галибаф, со исмевачка објава го провоцира претседателот на САД Доналд Трамп. Галибаф беше дел од неуспешните мировни разговори, а денеска објави фотографија од цените на горивата.

-Уживајте во сегашните цени. Со таканаречената блокада, наскоро ќе бидете носталгични по бензинот од 4–5 долари, напиша тој.

Откако не успеаа преговорите меѓу САД и Иран за крај на војната, цените на нафтата повторно пораснаа. Ноќеска цената на барел сурова нафта со испорака во јуни, скокна за 9 проценти и изнесува 104 долари. Утринава за 7 проценти скокна и цената на фјучерсите за нафта на 102 долари. Ноќеска порасна и цената на нафтата од Америка – ВТИ.

Пред почетокот на разговорите меѓу САД и Иран во Исламабад во саботата цената за барел изнесуваше 95,2 долари.

Претседателот на САД Доналд Трамп најави дека денеска ќе биде блокиран сообраќајот за бродовите во Ормутскиот теснец чија почетна или крајна дестинација е иранско пристаниште. За другите бродови поминувањето нема да биде попречено. Со блокадата Трамп цели да го спречи Иран да не наплаќа даноци на бродските компании за премин низ теснецот и во исто време да ја исклучи земјата од приходите од нафта.

Од почетокот на војната, цените нагло пораснаа. Кога во средата беше објавено двонеделното примирје, цената на суровата нафта Брент падна на речиси 90 долари – најниско ниво од средината на март.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот