Драгана Лукан Николоски, драмска авторка, драматург и писателка

Интервју за писателските работи со Драгана Лукан Николоски: Драмските автори во Македонија се соочуваат со невидливост

Праизведбата на драмскиот текст „Анна“ е директен повод за средба со авторката Драгана Лукан Николоски, која е дипломиран драматург, магистер по филмско и телевизиско сценарио и цврст борец за слободата на изразувањето.

Драмската авторка Драгана Лукан Николоски ја има таа среќа некои од нејзините текстови да се поставени на театарската сцена и да се изведуваат во театрите во Македонија. Таков е случајот со „Анна“, поставен од „Перипетија продукција“ во соработка со Театар Комедија, и со „Марта Верина“, поставен во Македонскиот народен театар. Двете претстави се во режија на Нина Николиќ.

Како драматург Лукан Николоски работела и на други претстави, напишала и сценарија за филмски и телевизиски проекти, а во последниве години објави и две книги со кратки раскази. Дебитантската книга „Ул. Мајмунска“ излезе во издание на „Гаврош“, додека минатиот месец ја промовираше и втората збирка со наслов „Единаесет проверени начини како да ја заебеш љубовта“ во издание на „Чудна шума“. Во нејзиниот живот сè се врти околу пишувањето, а разговорот многу природно ни почна со театарот.

Неодамна се случи праизведбата на твојот драмски текст „Анна“. Со каква намера животот на една современа жена асоцијативно го поврза со Ана Каренина?

– За волја на вистината, оваа драма ја започнав со многу надеж и план дека ќе напишам драма во која модерната Ана Каренина ќе го победи општеството кое во овие 150 години се има променето. Но, драмите се интересни за пишување најмногу заради тоа што кога ќе создадеш ликови-егзистенции тие почнуваат самите да делуваат од позицијата на својот карактер и тогаш повеќе ја немаш моќта на одлучување за тоа како ќе се развива дејството. Па, така, овие ликови се исправија на две нозе и тргнаа кон својот крај и успеаја и мене да ме убедат во тоа дека ниту луѓето, ниту општеството се немаат воопшто променето во изминативе 150 години и дека денеска осудата на лажните моралисти уште посилно и побрзо стигнува до жртвата.

Какво чувство како авторка на текстот имаш по гледањето на претставата?

– Претставата како краен производ е уметничко дело на режисерот. Драмата претставува предлошка за тоа уметничко дело. Режисерите одбираат драми во кои наоѓаат нешто што и самите би сакале да го кажат и преку претставата го кажуваат тоа на свој автентичен начин.

Секогаш е добро чувството да се гледа претстава која е поставена според твоја драма, без разлика дали си бил присутен во процесот на поставување или не, станува збор за тоа да видиш како тоа што си го напишал поминало низ некој друг и излегло како нешто автентично и ново. Тоа е една од највредните работи во нашата професија. Театарот е колективна уметност во која сите учесници даваат дел од себе.

Главната улога во претставата „Анна“ ја игра Маја Љутков / Фотографија: Драган Гајиќ

Со режисерката Нина Николиќ имате остварено повеќе соработки во кои се појавуваш и како драмски автор и како драматург. Заедно ја поставивте и „Марта Верина“ во МНТ. Како се најдовте со Николиќ на иста бранова должина?

– Со Нина работиме заедно уште од нашите први студентски вежби, заедно го имаме изградено нашиот театарски светоглед. Има работи за кои без зборови се разбираме, но има и работи за кои и со многу зборови успеваме да се согласиме. Таа динамика во соработката е драгоцена. Ако се земе целото мое творештво, може да се сублимира во една реченица, сè што пишувам се темели на тоа дека единствената борба што ја сметам за валидна е борбата за слобода во меѓусебните односи, без разлика дали се тоа љубовни, пријателски или професионални. Во тоа мислам дека е суштината, во овој „партнерски однос“ и двете остануваме неприкосновени индивидуалци и тоа може да се види кога би нè анализирал некој поединечно.

За текстот „Марта Верина“ велиш дека е драма што секоја своја реплика ја има украдено од стварноста. Какви, или чии, реплики користиш во таа драма?

– Сега, по 15 изведби на претставата, според реакциите на публиката, можам да заклучам дека сите што се дел од градското милје на Скопје ја доживуваат како огледало на нашата генерација. Сите ликови во Марта Верина зборуваат на јазикот на кој зборуваме и ние. Голем дел од репликите навистина се реплики што или јас ги имам изговорено некогаш, или некој мене ми ги кажал. И буквално на секоја изведба на тие реплики има реакција на публиката. Додека ја правевме претставата не бевме воопшто свесни за тоа колку публиката ќе се смее, бидејќи сепак темата е доста емотивна, но тоа препознавање ѝ даде на публиката слобода да реагира автентично на местата кои ги доживува како свои.

Претставата „Марта Верина“ е на репертоарот на Македонскиот народен театар

Расказ со наслов „104“ има во твојата втора книга „Единаесет проверени начини како да ја заебеш љубовта“. Дали има и драма со истиот наслов, со која би бил комплетиран проектот „Трилогија за љубовта“?

– Да, проектот „Трилогија за љубовта“ се затвора со последната драма со наслов „104“. Во мојата последна книга има расказ со таков наслов, кој ми послужи како предлошка за таа драма. Пишувањето кратки раскази за мене е форма за тестирање нови заплети. Најчесто за да проверам дали некоја идеја би функционирала прво ја пишувам во кратка прозна форма, па ако тоа функционира можам да почнам да развивам драма. До последниот ден пред да го пратам материјалот за печатење не бев сигурна дали тој расказ ќе остане во книгата и на крајот сфатив дека тоа може да биде драгоцено за кој било што сака да се занимава со оваа работа.

Компаративната анализа на расказот и драмата дава точен увид во тоа како се адаптира прозно дело во драма, може да се види како се развиваат ликовите кои во расказот ги гледаме во една минијатура, а потоа во драмата можеме да видиме како дошле до таму каде што ги наоѓаме во прозното дело.

Зошто мислиш дека драмата е најтешка форма за пишување?

– Често знам тоа да го кажувам, особено во разговори со колегите прозаисти. Најверојатно како и сите писатели, најпрво во животот почнав да пишувам поезија, во младоста, тоа личи како најлесната и најчесна форма за канализирање на младешкиот бунт и сите измешани чувства на адолесценцијата. Но, отсекогаш формата што ја доживував како своја беше формулирана во дијалог. Драмата ја доживувам како применета литература. Факултетот за драмски уметности ми го даде занаетот за пишување драми, а прозата во мојот живот некако дојде на крај.

Поминувајќи низ сите овие форми, сега можам да тврдам дека драмата е најтешка за пишување, бидејќи нема простор за вишок. Во драмата нема место за непотребни зборови, дури и тогаш кога пишуваш лик што има потреба во своето себство да го потенцира тоа дека зборува премногу, повторно секој збор мора да биде измерен. Секој непотребен збор во драмата ја крши илузијата на природност. Многу често луѓето погрешно го доживуваат драмскиот веризам како реалноста, драмата не треба да биде реалност, таа мора да биде компресиран живот.

Влатко Стефановски во „Чувам ноћ од будних“ од „Леб и сол“ има напишано еден стих кој на српски јазик гласи: „Правих се речи увек касно сетим, одговор знам кад останем сам.“ Всушност, драмата е тоа, тие вистински зборови на кои во реалноста најчесто ни текнува тогаш кога е прекасно, во драмата се кажуваат на вистинското место, во вистинското време.

Од кого го учеше драмскиот занает?

– Ова е, можеби, најтешкото прашање што ми го поставуваш. Може да се каже дека основата, секако, ја добив од моите професори Русомир Богдановски и Сашко Насев. Но вистинското учење, барем за мене, започна после завршеното формално образование. Многу читање драми, многу анализирање, многу препрочитување и секој активен театарски процес низ кој сум поминала.

Најверојатно најмногу научив од самиот Чехов, тој многу умешно во своите драми, особено во „Галеб“, има дадено инструкции за тоа како треба да се пишува. Доволно внимателен читател, може да го гледа целото негово творештво како некој вид учебник. Леснотијата со која се напишани неговите драми, всушност, е она за кое што зборував погоре. Драмите за да бидат добри, мораат да бидат многу лесни, да изгледаат како најлесното нешто за пишување, за читање и за играње, а ништо не е потешко од тоа да се постигне таа леснотија.

Годинава упати неколку критики за односот на општеството кон драмските автори. Со какви проблеми се соочуваат драмските автори?

– Драмските автори во Македонија се соочуваат со невидливост. Тоа е првиот и најважен проблем на кој приоритетно треба да му се најде решение. Нè има многу малку што активно пишуваме, и згора на тоа нема никаква стимулација од страна на министерството и театрите за да се пишуваат драми. Ние сме единствена земја во регионот која нема годишен конкурс за современа драма.

Исто така, сме единствена земја во регионот што нема фестивал на современа домашна драма. Другите земји се свесни дека без домашна драма нема автентичен театар. Имаме само еден фестивал што во насловот ни кажува дека треба да биде Македонски, но на истиот тој фестивал нема посебна селекција на претстави од современи македонски автори. Често колегите знаат да ме прашаат зошто го напаѓам фестивалот „Војдан Чернодрински“, но јас, всушност, не напаѓам никого, само се осмелувам гласно да проговорам на некои теми кои сите ние ги разговараме, ама сите останати, заради стравот дека ако кажат нешто, шансите да ги селектираат ќе ги сведат на нула, молчат и ми праќаат приватни пораки за поддршка.

Сакам да кажам дека и за таа невидливост сме самите криви. Фестивалот „Војдан Чернодрински“ доделува награда за современа драма, многу често таа награда останува недоделена затоа што немало селектирано ниту една претстава според текст од македонски автор. Или, пак, наградата ја добива единствената селектирана претстава, што ако подобро се размисли ни кажува дека селекторот на фестивалот ја доделува наградата во моментот на селекција кога ќе селектира само една претстава.

Да бидам искрена, јас не би сакала да ме селектираат и да добијам награда на тој начин. Па, тоа ме ослободува да можам без никаков страв да го кажам тоа што го мислам. Обидите да ни се замачкаат очите со „пичинзи“ на кои ќе дојдат оние со кои секој ден сме во комуникација за да им ги претставиме нашите нови драми, се навистина чеховски начин за неправење ништо под превезот дека нешто се прави.

Ако фестивалот навистина сака да покаже дека нешто прави, нека започне со посебна селекција, сѐ додека не се направи она коешто е неопходно, формирање на интернационален фестивал на македонска драма на кој ќе се селектираат најдобрите претстави поставени на македонски драми што ќе го стимулира поставувањето на нашите драми и во земјата и надвор од неа.

Зошто е важно во домашните театри да се поставуваат драми од домашни автори?

– Домашните драми зборуваат за домашни проблеми, на јазик што ѝ е близок на публиката. Долгогодишното игнорирање на домашното драмско писмо создаде еден јаз во кој се создаде недоверба кон домашната драма. Колегите знаат да реагираат со изненадување кога ќе гледаат добра претстава на домашен текст. Тоа е поразително.

Од друга страна, на театрите секако им е полесно да постават некој класичен текст, кој знаат дека одлично ќе се продава на билетарница и за кој нема да треба да платат авторски права, отколку да се ангажираат и да читаат нови драми и да одлучуваат дали ќе ги постават.

Никој не сака да работи јалова работа. Секој драмски писател што ќе напише три драми и ниту една нема да му се постави, престанува да пишува. Затоа е важно да се поставуваат домашни драми, затоа што и во процесот на поставување се учи многу за тоа како треба да се пишува. По секоја нова поставена драма драмскиот писател учи подобро да пишува, бидејќи како што реков, драмата е применета литература, мора да ѝ се дозволи да ја исполни својата цел заради којашто е напишана.

Промоција на втората збирка раскази во издание на „Чудна шума“

Имаш објавено две книги со кратки раскази и член си на Друштвото на писателите на Македонија. Како се распоредени тие три позиции на драмска авторка, драматург и писателка во твојот живот?

– Јас живеам за да пишувам, а овие три улоги во мојот живот само совршено се надополнуваат и ми ја даваат таа привилегија постојано да го правам тоа што најмногу го сакам и најдобро го знам.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 311, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 13-14.12.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот