Интервју со Зуица Лазова: Наум ме освои и со стасот и со гласот, а најмногу со неговата душа голема како планина

Фото: Приватна архива

Пејачката и професорка по хармоника Зуица Лазова долги години е дел од музичката сцена. Мајка, сопруга, јавна личност, професорка, вели дека сето ова ја прави среќна.

Лани, по долги години љубов, конечно се венчаа со пејачот Наум Петрески со кого имаат две деца.

За љубовта со Наум, каква е Зуица приватно, зошто не сакала да го смени името и уште многу други теми низ разговорот за „Слободен печат“.

Успеавте ли на младите да им ја доближите македонската патриотска песна со карванот „Македонијо во срце те носиме“?

– Се надевам дека е така, аранжманите на Николче Мицевски се модерни и навистина допадливи за помладите, така што мислам дека успеавме во тоа. Карванот „Македонијо во срце те носиме“ е едно од најубавите искуства што сум ги имала, настапите пред толку многу народ што во еден глас пееше со нас, беше прекрасно чувство.

Зуица, имаш убаво и ретко име. Како го доби?

– Крстена сум по мојата баба Зуица која потекнуваше од Радовиш и како мала не си го сакав баш името, па ја терав баба ми заедно да си го промениме. Сега сум горда што го носам името на мојата најдрага и прекрасна личност, мојата баба Зуица.

Фото: Приватна архива

Лани се венчавте со Наум во Охрид. Како по толку години се решивте?

– Долго време ние не придававме големо значење на тоа, дели треба да се венчаме и кога, и сѐ некако немавме време. Но, кога дојдоа кумовите од Австралија, ја презедоа иницијативата и така се случи венчавката.

Колку време сте заедно со Наум? Можеш ли да се сетиш со што те освои?

– Многу долго сме заедно, а околу 18 години живееме заедно и веќе сме полнолетни. Наум ме освои со стасот, со гласот, особено со смислата за хумор, но најмногу со неговата душа како планина.

Фото: Приватна архива

Како излегуваш на крај и со сопружник и со колега? Имате ли несогласувања во музиката?

– Верувам дека не постои врска без несогласувања, но ние успешно ги надминуваме досега. Тоа што сме колеги некогаш е предност, но пак, некогаш е товар. Но, на крај љубовта решава сѐ!

Ќерката Македонка и синот Стефан се определија за музика. Чувствуваат ли притисок поради тоа што ти и Наум сте успешни музичари?

– Да, точно дека и двете деца тргнаа по музичкиот пат. Македонка е на соло пеење, а Стефан е во фолклорниот оддел во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“. Иако многумина мислат дека им е полесно на децата поради нас, затоа што и јас и Наум сме музичари, но искрено јас мислам дека е спротивно, потешко е за нив, затоа што секогаш ќе ги споредуваат децата со нас.

Фото: Приватна архива

Колку време поминуваш во кујната и дали имаш некои омилени рецепти што најчесто ги подготвуваш за семејството?

– Имам среќа што ја имам мама Анастасија и таа е задолжена за секојдневното мени, иако и јас кога можам влегувам во кујна. Кога готвам, тоа се најчесто штипски јадења што тука не ги практикуваат како пастрмајлија, тавче-гравче со спанаќ, капама, леќа… Но, и Наум често знае да нѐ изненади.

Како ја одржуваш убавината? Дали имаш време за вежбање и какво мислење имаш за естетските корекции?

– Ќе излажам ако речам дека посветувам многу време во салони за убавина, напротив ретко кога одам. Вежбам по дома, се средувам дома, така е најчесто. Инаку, воопшто немам против естетските корекции доколку тоа ја прави жената среќна! Единствено ми пречи што со нив жените наликуваат една на друга и ги губат своите особености, карактеристики. Не сум преземала ништо по тоа прашање засега, а до кога не знам.

Фото: Приватна архива

Што те прави среќна, а што може да те изнервира?

– Среќата на моите најблиски ме прави среќна и мене, убава музика, внимание, ситници, па понекогаш и убав, културен муабет со луѓе… а несреќна, сѐ што е спротивно на ова.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот