Фото: Приватна архива

Интервју со Зоран Ристевски, диџеј: Во златната ера на скопските журки немаше бизнис, имаше само музика и страст

Со три децении зад себе, Зоран Ристевски, или едноставно Зоки Бејбе, останува едно од најпрепознатливите имиња на скопската урбана и клупска сцена.

Во интервјуто за „Слободен печат“ низ насмевка раскажува и се навраќа на почетоците во „златната ера“ на алтернативниот ноќен живот, зборува за магичните журки што го обликувале, за влијанието на Амстердам врз неговиот професионален пат и за љубовта кон радиото што никогаш не згаснала.

Со истиот жар и денес, Ристевски раскажува како се одржува креативен, зошто диџејството за него е „пилотирање низ музички универзуми“ и што би му порачал на младиот Зоки што првпат зачекорува во клуб….

Прво ќе те прашам како си? Ти влијае ли времево и врз расположението и врз креативноста?

– Метеопат сум, лесно ме стига меланхолија, е тогаш земам плочи и слушам албуми, или, пак, одам во Пелистер на убава храна и вино, најчесто со пријателите на кои ова место ни е локумот.

Се ближат празниците, имаш ли веќе агенда за настапи?

– Да, за Нова година првпат сум во „Лоби“ бар на улица Орце Николов, заедно со мојата другарка и диџејка Мариго Антов. Тоа е дневна забава. Ноќта нема да работам, одам да се журкам во клубот „1212“, а потоа во МКЦ на журка со најголем број мои колеги на повеќе подиуми до изгрејсонце.

Фото: Приватна архива

Прекарот „Бејбе“ денес ти е цел еден идентитет. Кога сфати дека токму тоа име ќе стане препознатливо како дел од домашната сцена?

– Препознатлива е мојата автентичност во сè што работам и среќата за првпат, во зародиш на една култура како што е електронската клупска култура или музичкото новинарство во приватни медиуми, да го пронајдам своето место и да го реализирам мојот талент, пред сè, да одберам добра и само добра музика. „Бејбе“ е само прекар, за моја среќа – убав.

Дел си од првата урбана и алтернативна скопска сцена. Каква беше раната клупска култура и кои моменти те обликуваа?

– Револуција од нов начин на живеење на ноќта и слушање музика, која секако се случи врз веќе изградена инфраструктура на клубови и ноќни барови. Новата сериозна диџеј-култура само го смени веќе забревтаниот ноќен живот полн со класични диско-забави. За мене Канал 103, каде што имав емисија, ми даде шанса од колегите повозрасни да научам многу за андерграунд сцената. Тоа е сцена на прогрес и отворено мислење, критика, конфронтација низ уметнички крик и делување и целосно прифаќање и толеранција на различностите, сеедно дали е тоа музика или друг вид уметност. За сè ова вреди да бидеш млад и ангажиран. Тоа е животен став.

Тоа беше ера на дружење и помагање во сè. Во тоа време никој не беше мотивиран од бизнис-аспектот на оваа сцена во развој. Уживавме, но и контриравме со нов поглед и свежи идеи, другарски.

Фото: Приватна архива

Кои се најсилните спомени од првите култни скопски журки?

– Тоа е веќе ера што е преполна со магични спомени. Растот на диџеингот и на промотерството во тие две децении беше нуклеарен. Припаѓавме на светот, а во регионов бевме центар со најголем број случувања. Живот живеевме. Многу се за да издвојам, сериозно секој викенд беше со гости диџеи, но и локалната сцена растеше во разни правци.

Првото патување во Амстердам ти беше пресвртница. Како тој град те обликуваше професионално?

– Амстердам е град каде што живее мојот најдобар другар и диџеј Павел. На негова покана успеав пред сè, да уживам во незамислив хедонистички клупски живот, да снимам ТВ-репортажа за клупскиот живот, две радиорепортажи за големи настани со интервјуа и снимки на врвни диџеи. Потоа тој ме канеше да вртам музика со неговата техно-екипа на алтернативни простори и клубови што се легендарни како „Парадизо“ и „Чрч“.

Фото: Приватна архива

Кој момент од твојата 30-годишна кариера би го издвоил?

– Мојата четиригодишна резиденција во средите во клубот „Елемент“, журките во „Сектор“, како и пуштањето музика со странски гости диџеи и настапите во клубови во Словенија, Хрватска и Албанија како резидент диџеј. Но, јас во спомените ги имам и сите убави журки на моите колеги и колешки диџеи. Огромната љубов и дружење низ нашата земја, каде полека се развиваше клупската култура. Настапите во Битола, Куманово, Гевгелија, Штип, Радовиш, Велес и други — ви се верува ли дека сите градови во земјава имаа многу добри клубови и одлична публика?

Радиото е твоја голема љубов. Каква е твојата приказна, од првото приватно радио до денес? И колку е важно радиото денес, во време на стриминг и социјални мрежи?

– Радио е мојата љубов поврзана со слушањето музика. Имав многу долг и убав професионален живот на радио. Слушаност каква денес не може да се замисли. Таму првпат проговорив за хаус и техно музика, водев топ-листи, ноќна програма, интернационално денс-радио шоу на Македонското радио, прва програма, што беше преседан и целосен скок во иднината што никогаш не стасала побргу. Имав на Клуб ФМ (тогаш целосно посветено на клупска музика) радиоемисија каде што ме слушаа од Њујорк до Сиднеј. Денес поткастите се супер и уживам во слушање странски музички емисии. Кај нас нема поткаст посветен на музика и тука се гледам во иднина.

Фото: Приватна архива

Од каде црпиш енергија да останеш урбан лик веќе три децении?

– Урбан лик искрено не значи за мене ништо, бидејќи за мене тоа значи да живееш градски, културно, со сè што градот ти нуди. Јас сум само многу вреден и врвно професионален човек во сè што правам. Диџејството за мене е како да пилотирам вселенски брод што се движи низ разни музички универзуми. Радиото го гледам како да зборувам од тој шатл. Нема сопирање, бидејќи ова за мене е повисок повик, не бизнис. Јас живеам да уживам во сè што и да правам. Кај мене не постои „мораш“ или „што ќе каже шефот“, таква хиерархија моето тело ја отфрла како отров. Моите правилни избори и чесност МОЖЕБИ гарантираат среќен живот. Во тоа верувам.

За крај, што би му кажал на 17-годишниот Зоки, кој првпат стапнува во клуб?

– Многу порано влегов во дискоклуб, но на Зоки кој има 17 можам само да му кажам: Не плаши се од никој и од ништо, сите врати ти се отворени засекогаш.

Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот