Интервју со Васко Шутаров за македонскиот КИЦ во Белград: Културата е најжив, за среќа и најжилав дел од секое општество
Македонскиот Културно-информативен центар во Белград, Србија, е простор во кој неполна година се претставува нашиот национален интерес во соседната држава и со кој мошне успешно раководи д-р Васко Шутаров.
Препорачано
Културно-информативниот центар (КИЦ) во Белград е македонска институција во странство, која треба да овозможи поголемо зближување на двете соседски и блиски култури. За негов директор беше назначен д-р Васко Шутаров, кој имаше задача прво да пронајде соодветен простор, а потоа и да го активира КИЦ во Белград. Првиот настан во Центарот се одржа на 11 април, додека свеченото отворање се случи на 16 мај 2025 година. За неполна година во КИЦ Белград се одржаа серија концерти, изложби и промоции.
Д-р Васко Шутаров е поранешен пратеник и дипломат, кој и во двете функции активно работеше на планот на културата, креирањето културни политики и културна дипломатија. Иако има значајно искуство во оваа област, задачата пред која беше изложен не беше едноставна. Оттаму се појави потребата да ги дознаеме предизвиците со кои се соочи како раководител на КИЦ во Белград.
Македонскиот Културно-информативен центар во Белград постои неполна година. Зошто беше неопходно формирањето на Центарот?
– Јас сум убеден, иако не поседувам релевантни податоци за квантитативниот обем на македонско-српската културна размена, дека таа е една од најдинамичните во нашиов регион. Во услови на таков постојан динамизам во културната размена, сериозни културни дипломатии не би препуштиле меѓусебната културна соработка да се одвива стихијно, по инерција или од навика. И во двете култури постојат пресечни точки на меѓусебно препознавање и почитување и таа константа мора да биде вградена како задолжителна алатка во меѓусебните дипломатски односи.
Ако јас се прашувам, токму од овие причини, овој наш КИЦ во Белград требаше да биде основан барем 20 години порано, истовремено, или уште пред отворањето на нашиот КИЦ во Софија. Но, поарно некогаш, отколку никогаш!
Македонско-српскиот договор за основање културно-информативни центри во двете земји е потпишан пред точно четири години, а јас искрено се надевам дека и Министерството за култура на Србија, ќе го следи нашиот пример и дека наскоро ќе отвори свој КИЦ во Скопје.
Со какви визија и предизвик заминавте за Белград и што досега е остварено?
– Секој дипломат од областа на културната дипломатија треба да биде обучен и умешен во препознавањето и дефинирањето на културната матрица, без оглед на тоа каде и во каква културна средина ќе биде упатен во мисија.
Во далечните 80-ти години од минатиот век студирав дипломатија токму во Белград, бев и постдипломец на меѓународни студии на Факултетот за политички науки, а во меѓувреме и докторирав на тема за културната дипломатија, што многу ми олеснува во процесот на препознавање и нијансирање на српската, а особено белградската културна сцена.
Што се однесува до визијата и предизвиците, многу бргу по моето доаѓање во Белград, појасно се кристализираа, но би било многу несериозно, ако по само една година работење, кажам дека сите тајни од работава ги носам во својот мал џеб од сакото! Водам културна институција во странство, стара не повеќе од една година, која не беше лесно административно, просторно и програмски да се постави на нозе, па актуелните предизвици со состојат во превенирање на вообичаените „детски болести“, со кои се соочуваат сите новоосновани установи, како дома, така и во странство. Засега оди и подобро од првичните очекувања и на моменти имам чувство, дека, сме многу подолго присутни во културниот живот во Белград, отколку периодов од неполна една година.
Во овој контекст, морам да изразам благодарност на Александар Стоименовски, наш Македонец што има дипломирано како актер-првенец во генерацијата на славната српска актерка Мирјана Карановиќ. Александар од минатиот септември е работно ангажиран во нашиот Центар, а не само мој, туку општ впечаток е, дека на сите програмски активности на Центарот им дава свежина и младешка креативна енергија, која публиката ја препознава и цени.

Како се појави можноста просториите на Центарот да се наоѓаат токму на улицата „Македонска“ во Белград?
– Овде, во нашиов случај, ништо не беше случајно! Просторот го пронајдов сам, инстинктивно следејќи ги трагите на „крајпатните знаци“, кои ми укажуваа дека, во моментов, тоа е најдоброто место за наша културна презентација во Белград. Препознатливата белградска улица, за мене со најубаво можно име, па уште во објект што се вика „Евро-центар“ и на крај, во предворјето на нашиот простор и големата скулптура „Европјанка“ изработена од скулптор со македонско потекло, Славе Ајтоски, ми беа доволен патоказ и показател, дека е најдобро да бидеме токму овде, на „Македонска 30“. Просторот е модерен, светол, со стаклена купола пред него, акустичен и податлив за сите видови културни содржини што ги нудиме на белградската публика.
Иако просторот го пронајдов сам, должен сум да изразам голема благодарност до министерот Зоран Љутков, до колегите од Секторот за меѓународна соработка при Министерството за култура и туризам и, секако, кон нашата Амбасада во Белград, за постојаната поддршка во тој процес на избор и конечна одлука.
Каков е досегашниот одглас кај белградската публика на активностите во Центарот?
– Ова е можеби и најкомплексниот, но и највидливиот дел од нашата работа, поточно, тоа е огледало на сѐ она што го работиме. Кога во 2011 година заминав на дипломатска мисија во Софија, нашиот КИЦ веќе имаше стекнато стандардна и редовна публика, која подоцна со различни културни содржини само се збогатуваше и зголемуваше. Посебен предизвик ми беше стекнувањето на помлада публика и во таа смисла, таа мисија се оствари во целост!
Во Белград, морав забрзано и во пократки рокови да градам добри контакти со вистински луѓе, за кои претпоставував, а подоцна и се уверив дека се вистински пријатели на македонската култура. За среќа, тие вистински луѓе што ги пронајдов во вистинско време, станаа и први посетители на нашиот Центар, а истовремено ни носеа и нова публика, така да „огненото крштевање“, што го имавме со првиот наш настан на 11 април минатата година, го поминавме со преполна сала гости, кои се трудиме да ги задржиме и со сите наши настани организирани подоцна.
Во овој контекст, морам да го споделам исклучителниот интерес на српските медиуми, уште со отпочнувањето со нашата работа, па до денешен ден. Десетина подолги интервјуа за најпознатите медиуми во Србија и десетици разговори со медиуми што емитираат програма на македонски јазик во Србија, се доказ дека сме на вистинскиот пат во стекнувањето препознатливост и наша нова публика.

Програмата е разновидна, со концерти, изложби, промоции… На кој начин ја составувате програмата и со каква динамика се одвива?
– Програмите во сериозни културни дипломатии, меѓу кои со полно право ја вбројувам и нашата, не се плод на поединечни одлучувања, остварувања на лични желби и интереси или плод на промптни решенија и одлуки. Нашата културна дипломатија има востановена практика, програмата за културно-информативните центри да ја креира врз основа на отворениот конкурс за остварување на националниот интерес во меѓународната културна дејност. И ви благодарам за ова прашање, на кое многу често морам да одговорам, соочен со големиот интерес за вонредно организирање културни настани надвор од одобрената Годишна програма за КИЦ Белград, од страна на нашето Министерство за култура и туризам.
За волја на вистината, како директори, директно соочени со културните потреби на публиката каде работиме, имаме право да предлагаме проекти за кои сметаме дека би предизвикале посебен интерес во средините во кои делуваме. Минатата, а и за тековната 2026 година, предложив четири такви проекти, кои ги исполнија моите очекувања а и годинава, убеден сум, дека одлично ќе поминат: портретите на видни уметници со потекло од Македонија што живееле и твореле во Белград, промоцијата на млади талентирани уметници Македонци, кои во моментов студираат или живеат во Белград, и изложбите од приватните белградски колекции во кои се наоѓаат ликовни дела од македонски ликовни уметници.
Кои од досегашните настани поминале со најголем одзив кај публиката?
– Токму еден од тие проекти, за кои бев убеден дека ќе имаат долгорочна перспектива и одржливост, „Портрети на видни Македонци во Белград“, кој ги оправда моите очекувања, уште со своето прво издание! Експлозија од интерес предизвика „Портретот на Зафир Хаџиманов“, во наша организација, а реализиран во поблиска соработка со Васил Хаџиманов. За овој проект, само кратко би кажал дека беше исклучително посетен, возбудлив и многу емотивен, а два месеци по настанот, нашите „рилсови“ од овој настан, поставени на службените профили на КИЦ Белград на Фејсбук и Инстаграм, достигнуваат преку 500.000 прегледи, што во актуелниве времиња е еден од показателите, колку сме видливи и препознатливи во културно-комуникациски простор на нашето делување.

Охрабрени од овој успешен проект за негување на културата на сеќавање, годинава планираме да реализираме три портрети, на Маја Оџаклиевска, Нина Спирова и на неодамна починатата Благица-Бети Ѓорѓевиќ, три Македонки кои успеале во Белград да стекнат и слава и почит.
Колку Центарот излегува во пресрет на потребите на Македонците што живеат во Белград и во Србија?
– Република Србија има функционална законска регулатива во поглед на културните и образовни потреби на своите национални малцинства, меѓу кои и кон Македонците во Србија. Во најголем дел културните и образовни потреби, нашата заедница во Србија ги остварува преку програмските активности на Националниот Совет на Македонците во Србија и преку многубројните македонски здруженија и канцеларии во многу места, низ државата.
Македонците во Србија се наша најдрага и најблиска, но не и единствена публика! Како и секоја сериозна културна дипломатија, така и македонската, има задача и цел да се обраќа, да создава наклонетост, партнерства и пријателства со севкупната српска јавност, а посебно со културната, уметничката, академската и научната јавност.
Првата година од работењето, бевме најмногу концентрирани на Белград, но годинава ќе имаме свои програмски активности во Нови Сад, Ниш и други поголеми културни центри, се разбира, секогаш ослушкувајќи ги потребите и приоритетите и на нашата македонска заедница во Србија.
Претходно раководевте со македонскиот КИЦ во Софија, сега го основавте КИЦ во Белград. Колку средината во која опстојува има влијание врз активноста на Центарот?
– Културата е најжив, за среќа и најжилав дел од секое општество, подложна на сите општествени, а посебно политички и економски влијанија. Во една често цитирана дефиниција за културната дипломатија се вели: „оставете секогаш отворен прозорец за неа, и кога на политички или на економски план, некој сака да крева ѕидови!“
Од преку 200 дефиниции за културата, милувам да цитирам една, со која би Ви одговорил на прашањето, кое, секако бара далеку поисцрпен одговор од просторов што го имаме за ова интервју. Таа дефиниција гласи: „Културата е како срна, која може да ви избега и при најмал шум или движење кое навестува опасност.“
Исклучителен предизвик беше да се работи културна дипломатија во Софија, тивко и внимателно, да не се направи ниту еден гаф или пропуст, а истовремено да се оствари зацртаната цел и мисија.
Дали успеавте да остварите соработка со сродни културни установи во Белград?
– Во првава година од моето работење, во фокус најмногу ми беа српските културни и образовни институции, со кои веќе градиме плодотворни партнерски односи, како што е, на пример, Културниот центар „Београд“ на улицата „Кнез Михајлова“, каде што веќе успешно реализиравме неколку музички концерти.
Годинава повеќе ќе се концентрирам на соработка со другите странски културни центри, а со еден од нив, турскиот „Јунуз Емре“ веќе имаме договорено заедничка соработка и отворање на изложба за ковачниците на монети во Македонија од Османлиско време, која треба да се случи на 31 март, во нашиот галериски простор.

Какви би биле плановите за одбележувањето на првиот роденден на македонскиот КИЦ во Белград?
– Годишната програма за КИЦ Белград за 2026 година веќе е официјализирана од нашето Министерство за култура и туризам и прелиминарно веќе е разговарано со носителите на проекти што треба да гостуваат во Белград. Посакувам околу Велигден, кога ја заокружуваме првата година од нашата работа, да понудиме една репрезентативна изложба на нашиот голем сликар Петар Мазев со дела од белградските приватни колекции, кои ретко или никогаш не биле изложувани, или со концерт на групата „Баклава“, а вие како медиум, кој редовно ги следи сите наши активности, секогаш сте добредојдени во нашиот КИЦ на „Македонска“ број 30 и лично да се уверите во сево ова што го зборувавме.
(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 322, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 28.2.-1.3.2026)


