Интервју со Валентина Дисоска, претседателка на Здружението на бизнис жени: Пробајте да ставите жени на раководни позиции, ќе ја видите разликата!

Кај нас сè уште компаниите се раководат според застарените правила дека секаде каде што треба добро да се одработи работата ќе ставиме жена, а на одлучувачки места ќе ставиме маж. Понекогаш и самата се прашувам дали на жените не им ги нудат овие места само затоа што се многу стручни, прецизни, ретко потклекнуваат под протисок и не се подложни на манипулации?, вели  претседателката на Здружението на бизнис жени, Валентина Дисоска во интервјуто за „Женски печат“/„Слободен печат“.   

Валентина Дисоска започна со формирање на Здружение на бизнис жени во 2010 година, кога беше научна фантастика да се спомне женско претприемништво, а камоли да биде препознаено за да се работи на него. Доаѓа од приватниот сектор, како жена претприемачка, но со терминот женско претприемништво се запознала во далечната 2006 година, кога била дел од регионален проект за развој на женското претприемништво. На почетокот, кога се запознала со терминологијата и со темата женско претприемништво, ѝ било чудно и не распознавала зошто треба да се популаризира и да се работи на темата. По одредено време, едукација, работа на оваа тема, Дисоска почнала да препознава кои се разликите, како и зошто треба да се работи на темата женско претприемништво, кои ќе бидат придобивките за жените претприемачки, но и за општеството. Искрено вели дека во тоа време кај неа сè уште не била докрај созреана идеата дека треба да се зафати да работи на оваа проблематика. Пресвртот се случил во 2010 година, тешки години за бизнисот, погодени од светската криза, кога и нејзината фирма не поминала баш најдобро. Тогаш Валентина Дисоска решила дека мора да го направи Здружението и да работи на темата јакнење на жените во претприемништвото, да се променат и подобрат условите, да се работи на едукација, поврзување, препознавање…

Здружението го основала во јули 2010 година, со ентузијазам и со надеж дека ќе успеат да направат големи промени за препознавање и зајакнување на женското претприемништво. Темата како и терминот бил непознат за многумина, како за невладиниот сектор, за претприемачите, така и за дел од институциите и луѓето кои ги претставуваат институциите, па и за донаторите. Признава дека и ден денес се борат со наприфаќање и непрепознавање на пробематиката, дури и со личности кои високо котираат во општеството и се на одлучувачки функции. Секако, од друга страна, имало и позитивни примери и многу препознавање и поддршка. На пример, Министерство за економија и тимот кој таму работи,  сесрдно ги прифатиле, ги подучувале и ги поддржувале во сите изминати години. Но токму тоа непрепознавање од поширокиот круг на Дисоска ѝ дал сила да работи и да ја промовира проблематиката, да наоѓа истомисленици, сорабoтници, поддржувачи, да ја креираат инфраструктурата на поддржувачи на женското претприемништво. Сè тоа на почетокот било на волонтерска основа, бидејќи Дисоска доаѓала од приватен сектор, не знаела за начините на финансирање во невладиниот сектор. Многу соработници се приклучиле, многу и се откажале во меѓувреме, затоа што, вели, оваа работа нема крај, едноставно мора долго време да се работи за да се видат мали поместувања.

На жените им се потребни вештини како што се преговарање и препознавање на сопствените вредности, вештини кои не се учат во училиштата ниту во семејствата. Кај мажите, преку пренесување на активностите што се длабоко врзани со менталитетот, се гради способноста за себезастапување и преговарање, додека жената сè уште треба тој дел да го развива.

Во соработка со други здруженија и институции, креиравте Национална стратегија за женско претприемништво, на која носител е Министерството за економија. Која е целта на оваа Национална стратегија и кои се клучните поенти?  

– Изработката на Националната стратегија за женско претприемништво излезе како идеа од еден регионален проект, кој се работеше во ЈИЕ со наслов „Женско претприемништво – мотор за создавање нови работни места“. Во овој проект ние бевме партнери имплементатори на проектот во нашата држава. Тоа беше проект кој остави голема трага во регионот за развојот на женското претприемништво. Праку него во регионот се препозна и се креираше инфраструктурата за понатамошно работење во секоја земја поединечно. Кај нас краен резултат беше изработката на Стратегијата за развој на женско претприемништво 2019 -2023, заедно со тимот од проектот, врвни консултанти од регионот и сесрдно залагање и поддршка на тимот од Министерството за економија.

Долгорочната визија на стратегијата е да добиеме зајакнато женско претприемништво преку зајакнати и координирани активности со вклучување на различни чинители, со што женското претприемништво би станало сила која придонесува во развојот на претприемничката клима и економијата.

Општата цел е економското јакнење на жените преку создавање на поволна бизнис-клима и обезбедување поддршка за развој на нивниот претприемнички потенцијал, со што ќе се придонесе кон развојот на постоечките и отворање на нови претпријатија, креирање на нови работни места, а со тоа и јакнење на целокупната економија и дологорочната цел е изградба на претприемачки екосистем за континуиран развој на женско претприемништво. Сè ова се содржи во стратешките приоритети и мерките што се предвидени во акцискиот план на стратегијата, на кои веќе активно се работи во изминатиот период и од кој произлегоа промени во ставовите за поддршка на женското претприемништво, како што се, на пример, зголемен број бодови за претпријатија водени и раководени од жени за сите повици за финансиска поддршка на претприемништвото.

Се смета дека жената ќе ја заврши добро работата и за помал надомест, затоа што таа е таа која се докажува, додека пак мажите се на позиција – докажани.

Што е променето во женското претприемништво од пред една деценија до денес, а на што треба допрва да се работи?

– За разлика од истражувањата направени пред десетина години и сегашните, има големи промени за кои ние сме среќни дека се одвиваат. Променета е перцепцијата за жената претприемачка, за стабилноста на бизнисите водени од жена, променети се можностите, начинот на дејствување, начинот на кој се работи бизнисот, професионализацијата во бизнисите, искористувањето на можностите што се развија во меѓувреме, поврзувањето, размената на искуства и знаење не само во нашата држава, туку и во регионот и пошироко, и многу други промени. Важно е да се знае дека сè повеќе се професионализираме, дека работиме професии, а не ги претвораме рачните изработки и она што знаеме да го работиме во бизнис, па дури и ако е така се оди на остручување, доедукација, размена на искуства и знаење. Евидентен е растот на компаниите водени од жени, кои се насочија да го развиваат бизнисот преку сопствено вложување во едукација и поврзување, додека пак, од друга страна, микро-бизнисите кои останаа во својот круг многу често слушаме дека се затвораат, тоа е затоа што вистинската информација за жал не стигнува рамномерно насекаде, туку како претприемачки мораме да се бориме да ги дознаеме вистинските информации во вистинско време, а исто така и да ги искористиме во вистинско време.

Кои се клучните потреби на жената која сака да стане претприемач?

– Да е посветена, посветена, посветена… Можам да набројам многу други потреби кои навистина ги имаме, на пример, физичка, ментална и финансиска поддршка од околината, фамилијата, опкружувањето. Понатаму, знаење како се води бизнис, претходна подготовка и разработка на добар бизнис-план со сите познати и непознати елементи. Многу често се случува да се отвори фирма заради потреба од егзистенција, но притоа да не се подготви личноста за сè она што ја чека во претприемништвото, затоа кај нас постои клубот на менторки кои сесрдно помагаат и го споделуваат своето знаење и искуство. Креираме обуки, сесии за надоградба, работни групи и многу други активности за да можеме да помогнеме на тие што сега влегуваат во претприемништвото. Но, сепак, решението и последниот збор останува на единката, колку и како ќе се посвети за да го гради сопствениот бизнис.

Многу често се случува да се отвори фирма заради потреба од егзистенција, но притоа да не се подготви личноста за сè она што ја чека во претприемништвото.

Со само два отсто жени на високи раководни функции во приватниот сектор сме далеку од просекот на економски и демократски развиените земји, на што според Вас се должи овој исклучително мал процент и како може да се зголеми?

– Таканаречениот стаклен таван на раководните функции е евидентен, сепак сè уште сме во сферата во која владеат мажите, за жал, кај нас сè уште компаниите се раководат според застарените правила дека секаде каде што треба добро да се одработи работата ќе ставиме жена, а на одлучувачки места ќе ставиме маж. Понекогаш и самата се прашувам дали на жените не им ги нудат овие места само затоа што се многу стручни, прецизни, ретко потклекнуваат под притисок и не се подложни на манипулации? Бидејќи ако се свесни компаниите за овие квалитети на жените, секако попрво би избрале квалитетен кадар кој цврсто стои на позицијата, а тоа се жените. Затоа, моја препорака до сопствениците на компаниите, доколку сакаат да водат здрав бизнис заснован на издржани решенија, нека пробаат да стават жени на раководни позиции, ќе ја видат разликата!

Според податоците, жените на високи функции во приватниот сектор се трипати помалку платени од мажите на иста позиција, зошто е тоа така?

– За жал и ова е вистина, јазот во платите во нашата држава со последното истражување изнесува 17,9% на штета на жената. Сè уште се водиме според застарените принципи дека мажот треба да ја храни фамилијата и да носи средства дома, затоа се и помали платите кај жените на раководни позиции. Едноставно се смета дека жената ќе ја заврши добро работата и за помал надомест, затоа што таа е таа која се докажува, додека пак мажите се на позиција – докажани. За ова еве ја користам и оваа можност да говорам дека на жените им се потребни вештини како што се преговарање, препознавање на сопствените вредности и слично. Вештини што не се учат во училиштата, па ниту во семејствата. Кај мажите преку пренесување на активностите, кои се длабоко врзани со менталитетот, се гради способноста за себезастапување и преговарање, додека жената сè уште треба тој дел да го развива.

Колку жените од бизнис-секторот се информирани за грантовите и за начинот на аплицирање, колку ги користат, дали се навистина лесно достапни овие грантови?

– Жените кои се членки на Здружението на бизнис жени, во голем број ги користат грантовите затоа што ние преку нашите активности ги информираме, едуцираме и поврзуваме со оние кои можат да им помогнат, веќе го поминале патот на искористување на финансии, или пак им помагаме во пишувањето на проектите, за што имаме стручен тим во Здружението.

Сè уште се водиме според застарените принципи дека мажот треба да ја храни фамилијата и да носи средства дома, затоа се и помали платите кај жените на раководни позиции.

Кој ќе биде фокусот на Здружението на бизнис жени во 2021 година?  

– Оваа година тргнавме активно да ги претставиме жените претприемнички во меѓународните организации, да направиме бизнис-поврзувања кои се надевам како крајна фаза ќе биде бизнис-соработка и реализиран извоз од нашите компании. Засега имавме две значајни активности, како што е Б2Б средба со Унијата на жени од Русија, најголемото здружение на жени, кое има и дел за женско претприемништво, жени претприемнички од Русија и претставување на дел од нашите членки и можност за соработка со Русија, и втората активност беше состанокот со Обединетите Арапски Емирати, каде што имавме состанок со Нејзината екселенција шеика д-р Хинд Бинт Абдулазис ал Касими (Her Excellency Sheikha Dr. Hind Bint Abdulaziz Al Qassimi) и отвораме врата за соработка помеѓу компании од Македонија и ОАЕ.

Исто така, преку проектот Национална платформа за јакнење на женското претприемништво, поддржан од ЕУ, ќе работиме на формирање на сериозна платформа, преку која активно ќе работиме на подобрувањето на условите за развој на женското претприемништво и секако на изработувањето на активностите од акцискиот план од стратегијата.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот