Дејан Пројковски, театарски режисер

Интервју со театарскиот режисер Дејан Пројковски: Светот постојано произведува крв и детски солзи

Театарскиот режисер Дејан Пројковски со претставата „Мајка Храброст и нејзините деца“ ја имаше честа да го затвори јубилејното 50-то издание на МОТ и преку театарското дело да ја покаже суштината на театарот и на светот.

Целосна и длабока посветеност на драмската уметност негува театарскиот режисер Дејан Пројковски. Низ годините тој изгради свој автентичен сценски израз што го прави препознатлив не само во Македонија, туку во регионот и пошироко. Негови претстави добивале награди на многубројни фестивали, а некои од нив се закитиле со национални признанија во државите каде што биле создадени.

На неодамна завршениот „Млад отворен театар“ македонската публика имаше можност да види една од наградуваните претстави на Пројковски поставена во Новосадскиот театар.

Според мотото на јубилејниот МОТ, „Нашите во светот“, какво е чувството претстава направена во странство да се претстави дома?

– За мене важно е да создавам силен автентичен театар тука, но и да можам да правам театар по светот. Мислам дека е многу важно за еден уметник да може да излезе надвор од границите на својата земја, да сподели нови искуства, да создава нови светови. Голема тема во уметноста е изборот и слободата, да можеш да правиш театар онаму каде што сакаш ти.

Во изминатите неколку години моите претстави беа прогласувани за најдобри и ги добија највисоките награди за театар во Турција, Хрватска, Црна Гора, Јужна Кореја, освојуваа награди и во Србија, Унгарија, Русија… И секогаш сум многу среќен кога можам тоа да го споделам со домашната публика и театарската јавност.

Секој театар за мене е како едно големо театарско семејство. Театрите не се делат на домашни или странски, на провинција или центар. Има театри што веруваат и театри што не веруваат. Театри што ја пронашле смислата на своето постоење во бесконечното создавање, во пробите, во претставите. Тоа се театри и актери, кои своето време го мерат во изговорени реплики, одиграни претстави и добиени аплаузи. Токму во такви театри сакам да работам и бескомпромисно да создавам театар.

Режисерот Пројковски со дел од екипата на Новосадски театар на сцената во МНТ / Фотографија: Димитар Апостолов

На затворањето на МОТ беше изведена претставата „Мајка Храброст и нејзините деца“ од Бертолд Брехт на Новосадскиот театар на унгарски јазик. Претставата има трогателна и мачна атмосфера со антивоена тематика. Зошто се одлучивте за поставување на овој текст од Брехт?

– „Мајка Храброст и нејзините деца“ е драма што сè уште е актуелна како во времето кога Брехт ја напишал. Живееме во специфични времиња во кои времето се мери според војните и жртвите. Историјата не нè научи да се промениме на подобро. Човештвото лесно заборава и повторно се враќаме на истите состојби. Играме слични игри, повторуваме исти трагедии. Светот постојано произведува крв и детски солзи.

Достоевски нè потсетува дека никаков идеал не вреди кога ќе падне и само една детска солза. „Мајка Храброст“ е огледало што го открива вистинското лице на општеството и на човекот. Таа, како и човештвото, постојано ја губи својата суштина. Живееме во свет на амбалажа, без суштина каде што се сè препакува.

„Мајка Храброст“ е како Сизиф, кој повторно и повторно ги води своите деца низ војната и ги губи. Тоа е бескраен циклус. Ме потсетува и на Диоген, кој со свеќа в рака бара каде исчезнал човекот, што се случува со него во војната, но и во кризите како короната, бидејќи секогаш кога амбалажата ќе падне, суштината ја нема.

Претставата е универзална приказна за војната, антивоена драма, но и антидрама со структура на античка трагедија. Во античката трагедија има катарза, но овде таа се трансформира во V-ефект – ефект на отуѓување што се раѓа во спојот помеѓу актерите и публиката.

Учеството на актерите во изведбата на претставата е целосно, и со глас и со тело. Како режисерот ја стекнува довербата кај актерите за изведба на еден вид тотален театар?

– Секако, довербата со актерите не доаѓа преку ноќ. Со секоја нова проба ја градиме одново – низ истражување, лабораториски пристап, заедничка храброст и подготвеност постојано да се експериментира во создавањето на сценската естетика и актерскиот израз.

Имам среќа да работам со актери што ја доживуваат театарската уметност како идентитет, а не само како професија. Актери кои имаат храброст да скокнат во непознато море и храбро да пливаат заедно со режисерот. Изборот на текстот и на естетиката е мојата почит кон публиката, таа е единствената причина поради која ние постоиме.

„Мајка Храброст и нејзините деца“ на Новосадски театар на 50. МОТ / Фотографија: Димитар Апостолов

Во истиот театар досега имате поставено три претстави. Како воопшто се случи првичната соработка со Новосадски театар?

– Новосадскиот театар е еден од ретките театри што точно ја знаат смислата на своето постоење. Театрите се делат на оние што имаат соништа и на оние што немаат. За актерите таму театарот е смисла на животот – од една страна имаат театарски соништа, а од друга страна имаат доволно сила и енергија да се борат тие соништа и да ги остварат, што е многу важно.

Постојат театри во кои човек влегува и се чувствува како дома. Кај нив има една искреност и точно знаат што е нивната професија. За театарот најлесно е да се зборува, а најтешко е тоа да се покажува преку сопствениот пример. Тие малку зборуваат, а многу покажуваат со својата работа.

Во овој актерски ансамбл театарот е на ниво на религија и единствена смисла им се сцената и публиката. Тие се големи деца подготвени 24 часа да играат, експериментираат и да откриваат нови работи на сцената.

И во странство и дома работите со уметничка екипа на блиски соработници во однос на сценографијата, музиката, кореографијата. Каква поткрепа Ви дава уметничката екипа во однос на поставувањето на делата било каде и во однос на континуитетот на Вашиот театарски израз?

– Кога еднаш ќе најдам соработник што е мој истомисленик, секогаш се обидувам да ја продолжам таа плодна соработка во секој нареден процес. Соборци во моите театарски патувања веќе подолго време се Валентин Светозарев, Горан Трајкоски, Марија Пупучевска и Олга Панго. Со нив се разбираме со еден збор, со поглед и секогаш се обидуваме да ја кренеме нашата соработка на уште едно повисоко ниво. Тие се огледало на мојата визија, но и мој предизвик да ја надминам. Заедно создаваме наш автентичен сценски јазик кој во секој нов процес расте, се развива и ги поместува нашите сопствени граници.

„Дон Жуан“ во Хрватско народно казалиште во Загреб

Во последниве години повеќе работите во странство отколку дома, а Вашите претстави станале добитници на тамошните национални награди (Турција, Хрватска, Србија, Унгарија). Има ли разлика помеѓу поставувањето претстави во странство и дома и на кој начин се селектираат тематиките на претставите и драмските автори во друга средина?

– Се трудaм да правам театар што мене ме возбудува и ми носи радост, бидејќи само така може да создадам претстави што ќе комуницираат со публиката. Секогаш се обидувам да бидам подобар од самиот себеси. Тоа е најтешкиот и најважниот натпревар за секој режисер. Уметноста е маратон. Важно е да работиме теми што нè допираат и ни се важни. Само така ќе создадеме автентичен театарски израз и претстави кои се резултат на средбата на режисерот и на актерите.

Претставата треба да биде интимна исповед на одредена тема. Кога така настапуваме пред публиката, таа веднаш го чувствува тоа и го препознава. Клучна е посветеноста. Сигурно нема како податок за нашето постоење да оставиме колку пластични шишиња сме произвеле, колку делфини сме отруле со нафта во океаните, колку војни сме воделе или колку конзерви успешно сме отвориле.

УМЕТНОСТА е духовната смисла на постоењето на секоја цивилизација. Токму затоа театарот е важен сегмент во Ноевиот ковчег на човештвото, бидејќи со векови го создава и чува сето она што претставува смисла и вредност за постоењето на нашата цивилизација.

На домашен терен соработувавте со Драмскиот театар („Кармен“ и „Падот на Масада“), Велешкиот театар („Инферно“ и „Нема струја за електричниот стол“), деновиве во Прилеп се одржува премиерата на „Црнила“, а почнувате нова претстава и во Битолскиот театар. Дали тоа значи дека Дејан Пројковски се врати дома?

– За некој да се врати дома, значи дека претходно го напуштил својот дом, не по свој избор. Радоста кон враќањето и тагата од заминувањето е цената што секој вистински уметник треба да биде спремен да ја плати. Сум освоил многу награди дома и во светот, но за мене најважната награда е мојата уметничка слобода за која што сум се изборил и скапо сум ја платил.

Имав период кога бев странец дома, во сопствениот театарски дом. Зошто беше така, треба некои други да одговорат. Јас сум научил дека простувањето е една од најважните човечки доблести. Како што пишува Меша Селимовиќ во романот „Дервишот и смртта“: „Ќе простам, но нема да заборавам“.

Што се однесува до претставата „Црнила“, постојано имав една мисла, една реченица во главата: „Македонец уби Македонец за Македонија“. Всушност, тоа се различните идеали, ставови, концепти и разбирање за идентитетот, за татковината, за историјата, но, се разбира, сега гледано низ наша визура.

Мислам дека „Црнила“ на Чашуле е еден од текстовите што го имаме како бреме и секоја театарска генерација заедно со публиката, всушност, се преиспитува на истите теми. Што сме направиле и што треба да направиме или што сме научиле за да не се повторуваат некои работи и за да не се случуваат.

Плакат за „Црнила“ во Народен театар „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Уште од поставувањето на „Вечната куќа“ на отворањето на новиот објект на МНТ во 2013 година познат сте како спектакл-мајстор. Поставувате и монодрами и грандиозни проекти, ги режирате „Глумците пеат“… каква разлика прави форматот на претставата и какво чувство носи работата со стотина луѓе на еден проект?

– Форматот на претставата го менува режисерскиот пристап во секој процес, но тоа не ја менува суштината. Во монодрамата, еден актер е цел универзум – секој здив, секој поглед има тежина. Тоа е интимен театар, театар на голема уметничка одговорност и најголема човечка искреност.

Големите спектакли се како симфонија – уметничко обединување на десетици луѓе што почнуваат да дишат во ист ритам. Тоа бара огромна енергија и посветеност, но носи и голема радост: кога сто луѓе ќе се обединат во една сценска слика, настанува сценска енергија што не може да се спореди со ништо. И двете форми ми се еднакво драги.

Во камерните претстави одново и одново ја откривам суштината на театарот. Големиот Питер Брук рекол дека „Театар е кога еден игра, и еден гледа“. Тоа е сѐ што е потребно за да се случи театар. Не е важно дали на сцената има еден актер или цел ансамбл – важно е секогаш да има вистина, уметничка храброст и иновативност.

Монодрама „Кармен“ во Драмски театар

За крајот на годината најавен е уште еден спектакл со кој ќе се одбележат 80 години на Македонскиот народен театар. Какви се плановите во тој правец?

– Подготовките за тој проект се мошне интензивни, затоа што станува збор за голем сценски формат. Влегуваме во фаза кога почнува да се создава јазикот на претставата – преку мизансцен и спојување и координација на сите сценски елементи.

Целта ни е да изградиме спектакл што ќе ги поврзе корените и иднината на Македонскиот народен театар: идеалите врз кои е создаван – љубов, храброст, посветеност, тимска работа и стремеж кон нови вредности. Ќе создадеме аудиовизуелно патување низ македонската уметност: драматургија, поезија, музика, ликовна уметност. Тоа ќе биде почит кон големите имиња што ја создале историјата на МНТ, но и кон сите оние што се зад кулисите и ни помагаат заедно на сцената да ги создаваме нашите соништа.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 309, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 29-30.11.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот